Премиера: BMW ја претстави најновата генерација на големиот X6 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: BMW ја претстави најновата генерација на големиот X6

Токму BMW го започна трендот на купе-SUV моделите – и баварците тукушто ја претставија најновата, трета генерација на моделот со кој започна сето тоа – X6.

Новата, трета генерација ја карактеризира агресивен и динамичен дизајн. На предниот дел доминира маската на ладилникот (која доколку сакате ќе може да биде осветлена, и да свети во возење или кога вратите се отвораат/затвораат). Околу предната маска гледаме големи предни светлосни групи со интересна графика, додека браникот е со остри линии. Страничната линија е најочигледниот показател дека се работи за X6 – купеовската форма завршува со заден дел на кој се поставени шиииироки и тенки LED задни светла. Задниот дел добива и дифузер, како и четири завршетоци на издувниот систем.

Понудата на тркала ќе започнува со фелни од лесна легура со дијаметар од 19 инчи, а ќе можете да нарачате тркала во димензии до 22 инчи. Можеби токму 22-инчнитет тркала ќе му стојат најдобро на големиот SUV – X6 сега е долг 4935 милиметри, широк 2004 милиметри и висок 1696 милиметри. Меѓуоскиното растојание е 2975 милиметри.

Очекувано – кабината е слична на кабините во другите тековни модели на BMW, особено X5. Сепак, X6 добива спортски седишта обвиени во Vernasca кожа, како и Sensatec материјал на централната конзола. Пред возачот се поставени дигитални инструменти на дисплеј со дијагонала од 12.3 инчи, а со истата дијагонала е и дисплејот на централната конзола. Добивате многу, многу, многу играчки, како и багажен простор со капацитет од 580 до 1530 литри.

Во однос на моторите – ќе се нудат два турбодизели и два турбобензинци, како и „воведна“ М-верзија. Дизелите се во форма на X6 xDrive30d кој користи 3-литарски турбодизел кој испорачува 265 коњски сили и 620 Nm вртежен момент (и се очекува да биде најпопуларниот модел). Чекор над него е X6 M50d кој користи четири турбополначи за да испорача 400 коњски сили и 750 Nm вртежен момент.

Поврзано:  BMW M3 CS на G-Power има 720 коњски сили!

Ако сакате бензинец, тука се X6 sDrive40i и xDrive40i кои користат 3-литарски TwinPower Turbo шест-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 340 коњски сили и 447 Nm вртежен момент. На самиот вв е X6 M50i кој користи 4.4-литарски твин-турбо V8 кој нуди 530 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Оваа верзија експлодира до 100 километри на час за само 4.1 секунда.

Производството ќе започне во Август, а првите примероци се очекуваат да пристигнат до крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.