full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Renault ја претстави втората генерација на супер-успешниот Captur

Без премногу медиумска драма, тизер-фотографии и грандиозни настани, Renault го претстави новиот Captur. Со зголемени димензии, намалена тежина, оптимизарана аеродинамика и потивка кабина, Renault го доведува Captur до спецификации конкурентни за веќе полниот пазар на компактни кросовери.

Уште на самиот почеток францускиот производител нуди избор меѓу 11 бои на каросерија, 4 бои на кров и неколку пакети за персонализација со кои купувачот би имал потенцијален избор помеѓу 90 различни комбинации, нешто кое конкурентите во овој сектор не го нудат нити како дополнителна опција. Предните и задните светлосни групи во форма на „С“ го комплетираат интересниот изглед, а како дополнителна опрема ќе се нудат и хромирани детали на вратите, кровни носачи и панорамски стаклен кров кои во Captur ќе вметнат и малку премиум изглед.

Ако веќе го видовте новото Clio, ентерирерот на Captur нема премногу да ве изненади – изгледа речиси идентично со исклучок на делот во кој е сместена рачката за менувачот. Кај Captur овој дел е изразено повисок со што се добива подобрена ергономија но и мал простор во кој може да се најде бежичен полнач за мобилни телефони (како дел од дополнителната опрема, секако). Од внатрешноста вреди да се истакне и багажниот простор со 536 литри зафатнина – водечки во сегментот! Captur ќе може да се нарача и со различни модерни технологии – меѓу кои и систем за препознавање на ограничувањето на брзината, систем за препознавање пешаци, но и систем за автоматско паркирање.

Погонските единици со кои ќе дебитира Renault Captur се два бензински мотори (1.0 и 1.3 од 100 до 155 коњски сили) и две верзии на 1.5 дизелски мотор (95 и 115 коњски сили). Во 2020-та година се очекува и плаг-ин хибриден Captur кој ќе користи над 150 патентирани решенија од Renault и ќе може да измине до 45 километри само на електрична енергија.

Поврзано:   Трета последователна победа на Мартин Делев на Twingo Cup!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.