ТЕСТ: Hyundai Kona 1.6 7DCT 4WD Premium – Храбро за храбрите! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai Kona 1.6 7DCT 4WD Premium – Храбро за храбрите!

Нашите пријатели од Авто Чајка ни понудија да поминеме неколку денови со врвната изведба на Hyundai Kona – и тоа со турбо-бензински мотор со 177 коњски сили и погон на сите четири тркала. Бидејќи токму Kona е еден од најважните нови модели на Hyundai, со задоволство ја прифативме понудата!

Видете ја Kona. Видете ја. Не изгледа како ништо друго на улиците, нели? Во ред, во ред, мооооожеби изгледа како мал Santa Fe – но ние би рекле дека бидејќи Kona ја имаше својата премиера пред Santa Fe, дека всушност Santa Fe изгледа како голема Kona.

Kona е еден од најхрабро-дизајнираните модели на Hyundai

Сериозно, ова е еден од најхрабро-дизајнираните модели на Hyundai, и можеби еден од најнесекојдневните компактни кросовери кои во моментов се нудат на пазарот. Kona доаѓа со многу, многу детали – од каде да започнеме? Ајде прво за големите, 18-инчни тркала околу кои добиваме пластични заштитни панели на крилата кои ја истакнуваат робустноста. На предниот дел едноставно доминираат неколкуделните светлосни групи – на самиот врв се поставени дневните LED светла, под нив се поставени обичните светла, а на самото дно на браникот, под отворот за воздух се поставени светлата за магла.

Маската на ладилникот ја има формата како и останатите модели на брендот со цел да го пренесе корпоративниот идентитет на компанијата, но тука е некако.. Похрабра! Страничните линии успешно „го разигруваат“ профилот на Kona – многуте површини кои се сечат му даваат на автомобилот динамичен лик, додека на задниот дел повторно имаме неколкуделни светлосни групи. Кровната линија завршува во „пресечен“ Ц-столб и не-баш-мал спојлер и сè на сè, Kona изгледа несекојдневно динамично.

Во секој случај, подинамично од било кој друг автомобил во сегментот – ниту еден друг автомобил на патиштата не изгледа како Kona, ниту пак Kona изгледа како било кој друг автомобил – и ја поздравуваме храброста на Hyundai!

Поврзано:   Hyundai и Iveco работат на заедничко електрично комерцијално возило

Кабината е комфорна и привлечна – но не е толку динамична како екстериерот

Ја отвораме вратата и очекуваме таквата динамичност да продолжи и во кабината… И малку сме разочарани. Да не се разбереме погрешно – ентериерот на Kona не е лош, напротив, барем вака опремена Kona изгледа скапо и привлечно – но по драматичноста на екстериерот, би сакале малку повеќе… Joie de Vivre и во кабината! Без оглед на тоа, кабината на Kona е навистина убаво место за седење. Комфорните спортски седишта се обложени со кожа, лесно се наоѓа комфорна и прегледна позиција за седење, и сите контроли се лесни за разбирање и користење.

Особено ни се допаѓа одлуката на дизајнерите да остават конвенционални контроли за клима-уредот, а ќе ги пофалиме и лесно-достапните USB приклучок, како и одличниот безжичен полнач за мобилен телефон кој едноставно – функционира! Управувачот е обложен со фина и мека кожа и генерално квалитетот на пластиките кои се користени во кабината е добар – на некои места забележавме поцврсти пластики, но тоа лесно се избегнува со детали во контрастна боја кои го подигаат амбиентот во ентериерот.

На задната клупа има место за двајца патници. Можеби, ако „се потстиснат“ ќе собере и тројца, но не би го препорачале тоа. На супер-високи патници можеби ќе им биде малку тесен просторот за нозете, но во контекст на класата во која припаѓа Kona – повеќе од доволно простор. Во рамките на просекот е и багажниот простор – со исправени седишта добивате капацитет од 361 литар, а доколку ги спуштите задните седишта добивате респектабилни 1143 литри во багажникот.

177 коњски сили, стотка за 7.9 секунди!

Ајде сега малку за моторот и погонот. Нашата тестна Kona дојде со 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува одлични 177 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент од 1500 до 4500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 7-брзински менувач со двојна спојка кои ветуваат одлична тракција во сите услови, но и супер-брзи менувања на степенот на пренос. Во реалноста, добиваме повеќе-од-задоволителни перформанси. Спринтот до 100 километри на час трае 7.9 секунди, додека максималната брзина е 205 километри на час. Не ја проверивме максималната брзина, чесен пионерски збор.

Но она кое навистина го подигнува адреналинот кај Kona – барем со овој мотор, менувач и погон – е подготвеноста да забрза во секоја ситуација, особено ако префрлите во Sport режим. Во Comfort менувачот „брка“ повисоки степени на пренос за да го релаксира возењето и да ја подобри економичноста, но во Sport „држи“ повисоки вртежи и на секое притискање на педалата за гас катапултирањето нанапред е инстантно. Дополнително, тракцијата која ја овозможува погонот на сите четири тркала (а и широките пневматици) влева доверба во можностите на Kona. Насочете го корејскиот кросовер кон свиокот по ваш избор, притиснете ја педалата за гас и уживајте.

Поврзано:   Hyundai го освежи Bayon за 2024 година

Инаку, во секојдневниот градски метеж, Kona е повеќе од компетентна. Уредот за навигација лесно се снаоѓа по нашите улици, како што напоменавме – седиштата се комфорни, а аудио-уредот кој доаѓа од Krell е подготвен да испорача малку вулгарни нивоа на ниски тонови. Одлично! Паркинг-сензорите и камерата дополнително го олеснуваат паркирањето по тесните паркинг месста, а автоматскиот менувач го прави движењето во секојдневните тргни-застани ситуации многу, многу полесно. Бидете внимателни и низ град можете да очекувате потрошувачка од околу 10 литри бензин на 100 изминати километри. Бидете поагресивни со педалата за гас – и таа бројка лесно се качува нагоре.

Kona не е за оние поконзервативните – Kona е за храбрите!

Конечно, каде припаѓа Kona? Ќе признаеме дека Kona нема да им се допадне на оние поконзервативните. Контраверзниот дизајн го зема својот данок – но тоа нам ни се допаѓа. Секогаш сме ги сакале и сме ги почитувале храбрите автомобили – а Kona е навистина таква. Особено ако изберете некоја похрабра боја, тогаш Kona навистина ќе се истакнува во барата од бели, сиви и црни автомобили. Kona е храбра, и Kona е наменета за храбрите – и ако се сметате за храбар, проверете што може да ви понуди несекојдневниот корејски кросовер!

Димензии

Спецификации

Модел: Hyundai Kona 1.6 T-GDI 7DCT 4WD Premium
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 177 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 265 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски DCT, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.9 секунди
Максимална Брзина: 205 километри на час
Должина: 4165 mm
Ширина: 1801 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1565 mm
Тежина: 1574 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2600 mm
Багажен Простор: 361 – 1143 литри
Потрошувачка: 10.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Hyundai Kona 1.0 T-GDI FWD Basic – 18.416 Евра
Цена на тестираниот модел: Hyundai Kona 1.6 T-GDI DCT 4WD Premium – 31.290 Евра
Повеќе Информации: AvtoCajka.com.mk
Поврзано:   Hyundai го освежи електричниот Ioniq 5

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.