full screen background image
Search

Hyundai официјално го претстави својот нов субкомпактен SUV – новата Kona!

Новата Hyundai Kona доаѓа со целосно нова платформа, цел грст хај-тек опрема и економични и моќни мотори.


Со Kona, Hyundai влегува во еден од најконкурентните сегменти на пазарот. Во овој сегмент веќе има докажани конкуренти (и воглавно, тука владеат Јапонците) – но бидејќи Kona ќе биде глобален модел, Hyundai се надева дека ќе успее да приграби дел од колачот. Продажбата на Kona на домашниот пазар ќе започне веќе овој месец, во Европа ќе стигне во текот на оваа година, додека во Америките кон почетокот на следната.

Името Kona доаѓа од бреговите на големите острови на Хаваи. Дизајнот е храбар и дефинитивно уникатен – на предниот дел доминираат светлосните групи и трапезоидната маска на ладилникот, страните ги „раздвојува“ остра карактерна линија додека на задниот дел гледаме слична приказна како на предниот. Осветлувањето е изведено со LED технологија, а Hyundai ќе понуди неколку дизајни на големи тркала со цел да ја комплетира приказната за модерен и урбан субкомпактен SUV.

Она што луѓето од Hyundai го потенцираат се хај-тек „играчките“ кои ќе може да се добијат со Kona. Бидејќи целната група се помлади купувачи, Kona ќе може да се добие со инфозабавен уред кој нуди Android Auto и Apple CarPlay поврзување, HD камера, задна камера, 4G телематика и голем 5, 7 или 8-инчен дисплеј. За прв пат во сегментот Kona ќе понуди безжично полнење за мобилни уреди, комбиниран Head-Up дисплеј, а од аспект на безбедноста ќе се нудат Forward Collision Avoidance Assist, Lane Keeping Assist, High Beam Assist и Driver Attention Warning (сите овие ја користат предната камера и радарот). Дополнително, радарскиот систем ќе помогне со Blind-Spot Collision Warning,  како и Rear Cross-Traffic Collision Warning системите.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Најмалиот SUV на Hyundai ќе се вика Venue

Како што напоменавме, Kona ќе биде поставена на целосно нова платформа. Автомобилот ќе биде долг 4165 милиметри, широк 1800 милиметри и висок 1550 милиметри. Меѓуоскиното растојание ќе биде 2600 милиметри – што пак би требало да понуди дарежлива просторност во кабината. Од Hyundai со гордост кажуваат дека централниот тунел (наменет за погонот на сите четири тркала и издувниот систем) е значително намален, па просторноста би требало да биде рекордна.

На некои пазари Kona ќе се нуди со 2-литарски атмосферски бензинец кој нуди 149 коњски сили и 179 Nm вртежен момент во комбинација со 6-степенски автоматик. Со овој мотор Kona ќе може да постигне 100 километри на час за рамно 10 секунди и максимални 194 километри на час. Во понудата ќе биде и 1.6-литарскиот T-GDI турбо-бензинец со 177 коњски сили и 265 Nm вртежен момент, кои овозможуваат „стотка“ за 7.7 секунди и 210 километри на час.

Европските купувачи ќе го добијат и новиот 1-литарски T-GDI кој нуди 120 коњски сили и овомозжува 100 километри на час за 12 секунди и максимални 181 киометар на час. На некои пазари (вклучувајќи ја и Европа) ќе се понуди и 1.6-литарскиот турбодизел.

Сега за сега нема најава за поспортски N-модел, но не би ја исклучиле таа можност. Hyundai веќе најави дека ќе понуди специјална Iron Man едиција со 40 милиметри поширока каросерија, мат-сив поклопец на моторот и детали во црвена и златна боја. Немаме фотографии од овој модел, но се надеваме дека ќе бидат објавени наскоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.