full screen background image
Search

ТЕСТ: Lexus NX300h F-Sport – Хибриден премиум SUV со спортски лик

Мораме да признаеме дека F-Sport изведбата на хибридниот SUV на Lexus ни изгледа одлично – па со задоволство ја прифативме можноста да поминеме неколку дена токму со Lexus NX300h F-Sport!


Хибридниот Lexus NX300h не ни е непознат – пред само неколку месеци поминавме неколку дена со луксузниот јапонски SUV. Уште тогаш ни остави позитивни впечатоци во однос на рафинираноста и луксузот – но неговата поспортска веријанта ни изгледа како да е уште попривлечна!

Разликата е примарно визуелна, но значителна!

Разликата меѓу „обичниот“ NX300h и неговата F-Sport изведба е примарно визуелна – но значителна! Изменетите браници, деталите во црна боја и многуте поспортски ситници му даваат на јапонскиот хибриден SUV еден подинамичен, попривлечен изглед.

Признаваме дека дизајнот на NX300 не е по сечиј вкус – всушност, ова е еден од најполаризирачките дизајни во моментов – но нам ни изгледа одлично! Широката маска на ладилникот и острите „очи“ ни евоцираат спомени на еден познат филмски Предатор и севкупниот лик е подинамичен и едноставно се истакнува во однос на конкурентите. Lexus има полн погодок со NX300h F-Sport, ако се прашуваме ние..

Прекрасни, прекрасни седишта..

Измените продолжуваат и во ентериерот. Ќе добиете поспортски управувач со лопатки за менување брзини, како и одлични спортски седишта обвиени во перфорирана кожа. Не можеме доволно да истакнеме колку се комфорни седиштата во NX300h F-Sport. Оние во цивилниот NX300h беа комфорни, но овие во F-Sport изведбата се на сосем друго ниво – не само што изгледаат одлично, туку се и исклучително комфорни и нудат извонредна странична поддршка. Ако постои една причина поради која ќе ја изберете F-Sport изведбата наместо регуларната, тоа нека бидат седиштата. Сериозно, секогаш сме тврделе дека Lexus прави одлични ентериери  (всушност, еден од омилените ентериери ни е оној кај IS300h F-Sport), па иста е приказната и тука.

Поврзано:   Пристигна и новиот Lexus UX!

Да, некои од контролите се сега веќе малку застарени, но вкупното чуство во ентериерот е токму како во премиум автомобил – насекаде има квалитетни материјали, завршната обработка е врвна, а сè што ќе допрете оддава чувство на неуништливост и квалитет.

Дизајнот на ентериерот е ист како и кај регуларниот NX – но тоа не е критика – и по неколку години на пазарот „скалестата“ централна конзола изгледа авантгардно и привлечно. На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца (по потреба и тројца) патници, а исто како и кај регуларниот NX, на располагање ќе имате 475 литри багажен простор.

Подобрена динамика во однос на „регуларниот“ NX300h

Онаму каде NX300h F-Sport е забележително подобар во оснос на својот регуларен брат е динамичноста – со F-Sport пакетот доаѓа и преработена суспензија која подобро му прилега на динамичниот лик на големиот SUV. Ако обичниот NX300h е помек и поориентиран кон комфорот, кај F-Sport се забележува поцврста суспензија која подобро ја контролира масивната каросерија во свиоци, а возењето е значително позабавно и поинтересно. Самото по себе, ова наметнува компромис во однос на комфорот – но благодарение на „месестите“ пневматици и тркалата со дијаметар од 18 инчи, комфорот воопшто не е значително нарушен.

Добро-познат хибриден погон, но со спортски режим на работа

Исто како и кај NX300h, и тука задолжен за задвижување на автомобилот е хибриден погон кој испорачува вкупно 197 коњски сили. Од тие, 155 коњски сили доаѓаат од 2.5-литарски атмосферски бензинец, а останатите од два електромотори. Бензинецот е задолжен да ги придвижува предните тркала, додека за задните се задолжени батеријата и електромоторите.

Поврзано:   ГАЛЕРИЈА: 2019 Авто Плус Street Show

Погонот му овозможува на 1.7-тони тешкиот SUV да забрза до 100 километри на час за 9.1 секунда и да постигне максимални 180 километри на час. CVT менувачот повторно можеби е најслабата алка во приказната, но префрлете го автомобилот во Sport режим на работа и не само што ќе добиете „симулација“ на степени на пренос, туку ќе добиете и синтентички звук кој го дополнува оној од погонот – па дури можеме да кажеме и дека звучи добро!

Ние цело време возевме во Sport режим – и навистина немаме никакви замерки. Слично како и кај регуларниот NX300h, измеривме потрошувачка која се движеше меѓу 8 и 9 литри на 100 километри во градски услови – одличен резултат за голем SUV со бензински мотор.

Ако бираме NX, ова би бил нашиот избор!

И сега, каде всушност припаѓа Lexus NX300h F-Sport? Ако мораме да избереме, ние би го избрале NX токму во оваа изведба – хибридниот погон е исклучително рафиниран и економичен, спортскиот бодикит уште повеќе ги истакнува динамичните линии на несекојдневниот SUV, а преработената суспензија конечно го истакнува вистинскиот карактер на NX. Плус, ги има оние, одличните седишта..

  • 2.5-литарски атмосферски бензинец + два електромотори
  • Моќност на бензинскиот мотор: 155 коњски сили
  • Системска Моќност: 197 коњски сили / 5700 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 9. 1 секунда
  • Должина: 4360 mm
  • Ширина: 1869 mm
  • Висина: 1646 mm
  • Тежина: 1785 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2660 mm
  • Багажен простор: 475– 1520 литри
  • Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Lexus NX300h F-Sport – 53.400 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.