full screen background image
Search

Citroen продолжува да биде кул – добредојде C3 Aircross!

Сегментот на субкомпактни SUV модели станува уште поинтересен – во него влегува и Citroen со својот фанки C3 Aircross!


Citroen одлучи да го напушти mini-MPV стилот на C3 Picasso и на негово место да го постави C3 Aircross – малиот субкомпактен кросовер со кој ќе привлече помлади купувачи.

Дизајнот наликува на оној на новиот Citroen C3 (кој ние неодамна го возевме), а ќе се нуди во дури 90 комбинации на екстериерот и 5 на ентериерот – па купувачите ќе можат да го прилагодат кон сопствените желби.

Автомобилот ќе биде долг 4.15 метри, и според Citroen ќе нуди врвна просторност и модуларност во класата. Ќе добие дводелна лизгачка задна клупа, како и преклопливо совозачко седиште за да може да се пренесе товар долг 2.4 метри. Багажниот простор ќе нуди капацитет меѓу 410 и 520 литри. Кабината ќе добие и 7-инчен мултимедијален дисплеј, безжично полнење за мобилни уреди и многу места за одлагање ситници.

Како и многу други модели од овој сегмент, C3 Aircross ќе се нуди само со погон на предните тркала, но ќе го добие Grip Control системот на PSA кој овозможува подобра тракција во различни услови, како и Hill Descent функција за контролирано симнување по стрмни патеки. Основниот бензинец ќе биде 1.2-литарскиот со 82 коњски сили, а ќе можат да се добијат и THP турбо-полнети верзии од истиот со 110 и 130 коњски сили. Оние кои сакаат турбодизел ќе мораат да одберат меѓу 100 и 120-коњската изведба на 1.6-литарскиот BlueHDI.

Новиот C3 Aircross ќе се произведува во фабриката на Citroen во Zaragoza, Шпанија, а ќе започне да се продава во втората половина од оваа година.

Поврзано:   Одличен старт на годината за Citroën



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.