Со моделите на Volvo возевме низ Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Со моделите на Volvo возевме низ Македонија!

Пред неколку дена имавме можност да повозиме неколку различни модели на Volvo низ нашата земја – се дружевме со XC40, XC60, V60 и големиот S90!

Воопшто не е тајна дека сме фанови на шведскиот бренд – изминативе неколку години Volvo успеа повторно да се пронајде себеси и „од корен“ да се освежи. Директен сведок за тоа се новите автомобили и SUV модели на Volvo кои ги дефинираат како модерниот и привлечен дизајн, така и моќните и економични мотори, луксузните кабини и секако – врвната безбедност.

Со автомобилите на Volvo возевме од Скопје, преку Штип и Радовиш до Струмица, каде присуствувавме на отворањето на новиот салон на KIA, а следниот ден преку Дојран (каде јадевме одлична пржена риба) се вративме во нашиот главен град. За време на возењето имавме можност (накратко) да се запознаеме со караванот V60 (кој наскоро ќе го имаме на темелно тестирање), но и да се потсетиме на квалитетите на XC40, XC60 и големиот и префинет седан – S90!

Патувањето го започнавме зад управувачот на V60 – и мораме да признаеме дека новиот шведски караван веднаш нè шармираше со фантастичниот дизајн и комфорот. Зад неговиот управувач бевме до Штип, каде се префрливме во голеееемиот S90. Големиот седан плени со луксузниот пристап кон нештата и врвната рафинираност – едноставно, многу, многу е лесно да се минуваат километрите во S90. Со S90 пристигнавме во Струмица, каде ја поминавме ноќта.

Следниот ден го започнавме во XC40 – и тоа во многу интересна изведба. Моделот кој на крајот на минатата година го имавме на тест беше со турбо-дизелски мотор и автоматски менувач, а автомобилот кој сега го возевме беше со турбо-бензинец и мануелен менувач – ретка комбинација во денешно време. Супер-позитивен впечаток ни остави како турбо-бензинецот кој лесно го задвижуваше компактниот SUV, така и рачниот менувач кој е исклучително прецизен и лесен за користење.

Поврзано:  EX60 ќе биде првото возило на новата SPA3 платформа на Volvo

Од Дојран тргнавме кон Скопје сместени во XC60 – „средниот“ SUV во понудата на Volvo. Исто како кога го тестиравме минатата година, така и сега XC60 ни покажа дека е максимално компетентен на подолги релации. Дури и на повисоки брзини, XC60 е тивок, опуштен и комфорен – баш каков што треба да биде на крај на едно супер-активно дводневно патување.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.