ТЕСТ: Porsche Macan 245 – Спортски SUV кој е многу, многу повеќе од тоа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Porsche Macan 245 – Спортски SUV кој е многу, многу повеќе од тоа!

Macan е најпродаваниот модел на Porsche. Тоа е вистина која можеби е тешко да се проголта, но сепак – има тука нешто. Ние одлучивме подобро да се запознаеме со Macan и да самите да откриеме која е тајната на „малиот“ SUV на Porsche.

Porsche минатата година испорача вкупно 256.000 возила – не баш незначителна бројка, ако се земат во предвид сегментите во кои Porsche всушност продава автомобили. Ако земеме во предвид дека најпродаван модел беше токму Macan со нешто над 86.000 примероци, мораме да признаеме дека има тука нешто.

Водени од таа бројка, кога ни се понуди можноста да поминеме два-три дена токму со Porsche Macan, со задоволство го прифативме предизвикот. Ајде да видиме што всушност навистина  може да понуди Macan.

Macan го доби карактеристичниот светлосен потпис на Porsche

Porsche неодамна го освежи Macan. Му даде нови предни светла и дискретно редизајнирана маска, нови задни светлосни групи со препознатливиот светлосен потпис кој сега е карактеристичен за германскиот бренд, како и освежен ентериер со нов, поголем мултимедијален уред. Инаку, Macan е оној кој веќе добро го знаеме – го возевме како на F1 патеката во Истанбул, потоа на прославата на Porsche минатата година во Полска, па и на Porsche Road Tour тука во Македонија веќе неколку пати. Но сега за прв пат го имавме „во нашата гаража“ на неколку дена, па решивме да го извлечеме максимумот од него.

Ајде прво за дизајнот – Macan е веднаш препознатлив како Porsche. Познавачите и фановите на брендот веднаш ќе го идентификуваат неговитот „светлосен идентитет“ – како напред, така и позади. На предниот дел ќе ги препознаете оние карактеристичните-за-Porsche LED дневни светла, како и обликот кој истовремено влече инспирација од 911 и Cayenne. Профилот е можеби најинтересниот – ако ја извадиме повисоката суспензија од равенката, Macan изгледа како хечбек (и ќе се навратиме на ова), а задниот дел ги следи тековните дизајнерски насоки на Porsche.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Porsche Cayenne GTS напаѓа со 4-литарски твин-турбо V8 и 500 коњски сили!

Плус, особено добро изгледаат овие големиве, 21-инчни тркала обвиени во соодветно-димензионирани Continental SportContact 6 пневматици. А тркалата влечат корени од Porsche 918 Spyder – знаете, оној хибридниот хипер-автомобил со скоро 1000 коњски сили? Е, тој.

Porsche е и луксузен бренд – и тоа се препознава во кабината

Ја отвораме вратата и нè пречекува беспрекорен ентериер. Меѓу другото, Porsche е и луксузен бренд – и тоа се препознава во кабината. Седиштата се истовремено супер-комфорни и спортски, управувачот (кој исто така доаѓа од 918 Spyder) е одлично димензиониран и се седи ниско и спортски а лопатките за PDK менувачот се супер-секси на допир. Сите команди се прилично лесни за наоѓање и разбирање, педалите се одлично дистанцирани, прегледноста (освен кон задниот дел, очекувано) е одлична и Macan просто повикува и кани да биде возен токму онака, здраво…

Инаку, на задната клупа комфорно ќе се сместат двајца (со стискање и тројца) патници, а „дволичноста“ на Macan најдобро се препознава преку багажникот – тука имате капацитет меѓу 488 и 1500 литри, сомнително блиску до она кое сме навикнати да го очекуваме од хечбек.. ;)

Нема веќе дизели – „основниот“ бензинец катапултира „до стотка“ за 6.5 секунди!

Сепак, пред да зборуваме за тоа, ајде да зборуваме за погонската единица во Macan. Под поклопецот на „нашиот“ Macan се крие 2-литарски TFSI турбо-бензинец кој испорачува 245 коњски сили. Веќе нема дизели – Porsche пресече и одлучи дека во гамата едноставно нема место за дизели. На нивното место доаѓаат хибриди и електрични модели – веќе е најавен Taycan. Па така, Porsche Macan со 2-литарскиот турбо-бензинец е „основниот“ Macan. Да, би било интересно на неговото место да се најдеше 2-литарскиот турбо-боксер од 718 Boxster и 718 Cayman, но тој мотор едноставно не го собира под поклопецот на Macan. Сепак, ниту овој мотор не е за потценување – испорачува 245 коњски сили од 5000 до 6750 вртежи во минута и 370 Nm вртежен момент од 1600 до 4500 вртежи во минута.

Поврзано:   Имате малку време од еден до друг авионски лет? Porsche ќе ве префрли со 911 GT3 RS!

Секако, на моторот малку „му е баено“ од инженерите на Porsche, па во возење чувството е дека е дури и побрз. Благодарение на Sport Chrono пакетот, Macan со овој мотор може да забрза до 100 километри на час за 6.5 секунди и да постигне максимални 225 километри на час.

Повеќе од респектабилно, особено кога ќе ви се пружи можноста да го пробате Launch Control системот. Рецептот е едноставен – оноа малото тркалце на управувачот го префрламе во Sport+, силно ја притискаме педалата за сопирачките а потоа педалата за гас. Автомобилот се подготвува и ви кажува кога сè е како што треба да биде. Ја отпуштате педалата за сопирачките додека самоуверено ја запознавате педалата за гас со патосникот под неа – и едноставно се катапултирате нанапред.

Macan е подготвен да одржи нерационални брзини во свиоци

Но онаму каде Macan вистински импресионира е кога ќе го насочите кон свиоци. Брзината во права линија не е толку изненадувачка, колку што е импресивна можноста на Macan да внесува навистина нерационални брзини во свиоци. Тоа се должи како на одличната шасија, така и на суспензијата, PDK менувачот, погонот на сите четири тркала и оние големи тркала обвиени во спортски пневматици. Едноставно, Macan не се однесува како SUV – нема навалување во свиоци, нема подуправување… Насочете го онаму каде сакате, бидете храбри и Macan нема да ве разочара.. Само граби, и граби, и граби…

Како и многу други модерни автомобили, така и Macan е подготвен да игра две игри. Кога е во нормален режим на работа се однесува прилично цивилизирано. Менувачот менува во степен погоре на прилично ниски вртежи, кабината е одлично изолирана и тивка – и соодветно на тоа, Macan е одлично место да се минуваат многу километри  – како во град, така и надвор од него. Но оној момент кога ќе ја притиснете педалата за гас цврсто „до даска“, менувачот ќе спушти 2-3 степени и ќе ве изненади со перформанси кои ги очекувате од многу, многу повеќе „коњи под хауба“.

Поврзано:   Porsche претстави две нови E-Hybrid изведби од новата Panamera

Дали сето тоа резултира со вонсериски висока потрошувачка? Би рекле дека не – бидете цивилизирани и во градски услови можете да очекувате меѓу 13 и 15 литри на 100 изминати километри – бројки кои воопшто не се страшни ако се земат во предвид перформансите, менувачот, погонот на сите четири тркала, но и тежината на Macan. Бидете агресивни и таа бројка лесно ќе се искачи нагоре, но… Таа е цената која треба да се плати за задоволството.

Macan е идеалниот доказ дека SUV може да биде исклучителен спортски автомобил

Porsche своите SUV модели ги нарекува спортски автомобили. „Хејтерите“ можат да се бунат околу тоа колку сакаат, но реалноста е дека со перформансите, динамичноста и општиот карактер – дури и SUV моделите на Porsche се токму тоа – спортски автомобили. Porsche Macan е „разумниот компромис“ кој можеби мораме да го направиме.. И не е ништо полош поради тоа – напротив, покажува дека и еден SUV може да биде исклучителен спортски автомобил.

Видео

Спецификации

Модел: Porsche Macan 245
Мотор: 2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 245 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 370 Nm / 1600 вртежи во минута
Менувач: Автоматски PDK, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 6.5 секунди
Максимална Брзина: 225 километри на час
Должина: 4696 mm
Ширина: 2098 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1624 mm
Тежина: 1795 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2807 mm
Багажен Простор: 488 – 1503 литри
Потрошувачка: 13.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Porsche Macan 245 – 75.544 Евра
Цена на тестираниот модел: Porsche Macan 245 Sport Chrono – 93.174 Евра
Повеќе Информации: Porsche.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.