Репортажа: Со целата гама на Porsche кон винскиот регион на Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Репортажа: Со целата гама на Porsche кон винскиот регион на Македонија!

Имавме супер можност и оваа година да бидеме дел од македонскиот Porsche Experience, кој овој пат не однесе директно во винскиот регион на Македонија и винаријата Тиквеш во Кавадарци.

Знаете дека денот ќе биде добар кога на располагање имате неколку различни автомобили на Porsche од кои „најслабиот“ има 365 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за 4.6 секунди.

Porsche Experience е повторно кај нас, а ние имавме одлична можност да поминеме еден ден во друштво на скоро целата гама на германскиот производител. Да започнеме со набројување:

Шест одлични автомобили, и скоро 3000 коњски сили. Одличен рецепт за одличен ден, нели?

Нашето патување започна пред салонот на Porsche во Скопје. Изложените автомобили веднаш го привлекуваат внимането – особено малиот Cayman GTS во прекрасната Miami Blue боја и прекрасниот 911 Carrera S во Racing Yellow. Ова се двата автомобили кои едноставно „врескаат“ со своето присуство – а не се најбрзите кои ги имаме на располагање. По краткото претставување на нашите домаќини и распоредот на возење, групата е веќе подготвена за тргнување.

Прво седнувам зад управувачот на Cayman GTS. Ова не е мојот прв контакт со GTS-изведбата на најмалиот член на Porsche семејството – имав можност да го повозам на Silesiaring тркачката патека во Полска за време на овогодинешната прослава на 70 Години Porsche Спортски Автомобили. Сепак, ова е одлична можност да се провери како малиот Cayman GTS функционира по обичните улици – и верувајте, лесно е човек да се заљуби во него. Cayman е баш како картинг-возило – динамичен, директен, управлив и непокорливо забавен. Префрлам во Sport режим – издувниот систем се буди, суспензијата станува цврста и Cayman верно ги следни сите можни насоки.

Од Cayman GTS се префрлам во Cayenne S. Големиот германски SUV успешно ги крие како големината, така и тежината. Истите заклучоци од првото возење на Cayenne S на Крит минатата година повторно се наметнуваат – возењето во Cayenne воопшто не е како возење во SUV – да, големината и тежината се тука, но повеќе е како во (голем) хот хеч. Но од друга страна, Cayenne едноставно ги покорува македонските автопатишта – без никаков приговор ниту забелешка. Комфорниот хај-тек ентериер е одлично место да се поминуваат стотици и илјадници километри, па Cayenne S е интересна промена по манијакалниот Cayman GTS.

Поврзано:   GTstreet R Touring е најновиот проект на Techart

Трет „на распоред“ е Macan Turbo Performance. Ако Cayenne S е како голем хот хеч, Macan е како вистински хот хеч – само на малку повисока суспензија. Префрлете го Macan во Sport режим на работа и сите тие 440 коњски сили се веднаш достапни, а помалиот SUV во гамата на Porsche е вистинско изненадување – ова не е SUV, ова е спортски автомобил. Тој верно ќе ги следи сите инструкции кои ќе му ги дадете и ќе се насочи токму онаму каде ќе го насочите – и верувајте, нема во ниту еден момент да ве разочара.

Пристигнуваме во винаријата на Тиквеш. Мирисот на вино преовладува, а нашите домаќини нè прошетаа низ винските простории. Оправдано, немавме можност да пробаме од виното, но беше повеќе од интересно да се види процесот на производство и да се погледне просторијата со Архивско Вино, каде винаријата чува по неколку шишиња од секое производство. Зборувавме малку за правилниот начин за чување вино – нешто што беше навистина интересно.

По кратката тура низ винаријата и одличниот ручек, време беше да се враќаме кон Скопје. Зад управувачот на 911 Carrera S сум „на свое“. Иако ова е втората-најслаба изведба на Porsche 911, перформансите не се за занемарување – турбо-боксерот со шест цилиндри испорачува одлични 420 коњски сили и 500 Nm вртежен момент – сосем доволно за „стотка“ за 4.1 секунда и максимални 306 километри на час.

Повторно и повторно, Porsche 911 ме импресионира со својата прецизност и врвна динамичност. Ова е автомобил кој би можел да го возам секој ден – и секој ден би уживал во него.

Поврзано:   Македонска премиера на новата Porsche Panamera!

На самиот крај, ја искористив можноста да поминам малку време на задното седиште во Panamera Sport Turismo. Најмоќната изведба на Panamera ја носи ознаката Turbo S E-Hybrid, и тука хибридниот погон испорачува вкупно 680 коњски сили. Целата оваа моќ му овозможува на хибридниот караван да забрза до 100 километри на час за само 3.4 секунди, а истовремено може да вози до 120 километри на час на електрична енергија.

Зошто задните седишта? Затоа што луксузот е неизбежен – па комфорните задни седишта се „дополнети“ со мултимедијални уреди и многу, многу, многу играчки. Одличен избор за овој ден да се заврши на опуштен, мирен начин.

Групата се приближува кон Скопје и моето време со автомобилите на Porsche завршува. Ова беше одличен, забавен и исполнет ден – и секогаш е така кога поминувам време со автомобилите на Porsche. Историјата и традицијата, преплетени со перформансите и звукот предизвикуваат зависност – и иако денот е готов, не сакам никогаш да заврши.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.