full screen background image
Search

Претставени хибридните Peugeot 508 и 3008 – ветуваат исклучителна економичност и одлични перформанси!

Французите сериозно си ја сфатиле работата – па одеднаш претставија не само еден, туку две, односно три хибридни изведби на своите најпопуларни модели.

Peugeot ќе понуди дури три нови хибридни модели – едниот е Peugeot 3008 Hybrid4,  другите два се всушност двете варијанти на новиот 508 – седанот и караванот. Она што вреди да се напомене е дека електрификацијата на Peugeot не застанува тука – веќе е најавена целосно-електрична верзија на новиот 208 која треба да се појави на пазарот следната година.

Оние кои го критикуваа недостатокот на погон на сите четири тркала кај новиот 3008 сега веќе немаат што да критикуваат – со новиот Hybrid4, францускиот SUV сега „граба со сите раце“. Hybrid4 погонот комбинира 1.6-литарски PureTech турбо-бензинец кој испорачува 200 коњски сили со 2 електромотори кои произведуваат по 109 коњски сили. Еден електромотор е на предната, а другиот е на задната оска – што резултира со погон на сите четири тркала.

Батерискиот модул со капацитет од 13.2 kWh овозможува автономија на електрична енергија од 40 километри и комбинирана емисија на CО2 од само 49 грама на изминат километар, и тоа според WLTP. Вкупната системска моќност е 300 коњски сили, а забрзувањето до 100 километри на час трае само 6.5 секунди.

Секако, интересен новитет се и новите 508 и 508 SW Hybrid. Исто како и во 3008 Hybrid4, и тука се користи 1.6-литарски турбо-бензинец – но тој тука испорачува 180 коњски сили и се комбинира со електромотор со моќност од 80 kW (односно 107 коњски сили) за вкупна системска моќност од 225 коњски сили. Батерискиот модул е со капацитет од 11.8 kWh, а автономијата на електрична енергија е 40 километри.

Поврзано:   Сите возила на Peugeot ги исполнуваат WLTP стандардите

 

Продажбата се очекува да започне наскоро, а од Peugeot кажуваат дека очекуваат хибридните изведби на популарните SUV и седан да бидат навистина барани кај купувачите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.