Ford следната година ќе понуди лајт-хибридни верзии на Fiesta и Focus EcoBoost – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford следната година ќе понуди лајт-хибридни верзии на Fiesta и Focus EcoBoost

Од следната година Focus и Fiesta опремени со EcoBoost турбо-бензинец ќе добијат и лајт-хибридна варијанта благодарение на нов, 48-волтен систем.

Ford се подготвува за големиот Go Further настан (на кој сме поканети и ние и од кој директно ќе известуваме) кој ќе се одржи во Амстердам следната седмица, на кој ќе ги официјализира своите планови за хибридизација и електрификација, а како најава за настанот најавија дека Fiesta и Focus опремени со EcoBoost турбо-бензинец од следната година ќе добијат лајт-хибридна архитектура.

Fiesta и Focus EcoBoost Hybrid ќе користат 48-волтен хибриден систем кој вклучува стартер/генератор придвижуван од ремен (Belt-Driven Integrated Starter/Generator – BISG) наместо конвенционален алтернатор, како и 48-волтен електричен систем. Работата на овој систем е да овозможи зачувување на енергијата која обично се губи при сопирање и „едрење“ и нејзино складирање во 48-волтен литиум-јонски батериски модул.

Дополнително, BISG системот ќе функционира и како електромотор и ќе го помага три-цилиндерскиот 1-литарски EcoBoost во нормални услови на возење, а со тоа би требало значително да ја намали потрошувачката на бензин. Од Ford кажуваат дека дополнителниот вртежен момент овозможува подобри перформанси и попријатно возачко искуство. Екстра бенефит е дека бидејќи системот го намалува турбо-каснењето, инженерите на Ford го замениле турбо-полначот со поголем – а тоа значи и повеќе моќност!

Сега за сега немаме информации околу моќноста и перформансите, но од Ford ги објавија податоците околу потрошувачката – Fiesta EcoBoost Hybrid ќе троши само 4.9 литри на 100 изминати километри и ќе емитира 112 грама CO2 на изминат километар, додека Focus EcoBoost Hybrid ќе биде уште поекономичен и поефикасен и ќе троши 4.7 литри бензин на 100 изминати километри и ќе има емисија од 106 грама CO2 на изминат километар.

Наскоро ќе знаеме повеќе – и ќе ве известиме за сите новитети директно од Go Further настанот во Амстердам!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.