full screen background image
Search

Tesla Model Y го доживеа светското деби

До пред само неколку години, Tesla беше единствен бренд кој произведуваше компетентни електрични возила за секојдневна употреба. Екстремно популарниот Model S го цементираше местото на Tesla, додека Model X ги отвори хоризонтите и кон оние купувачи кои исклучиво сакаат SUV.

Конкуренцијата се активираше со разноврсни модели и изведби, па следен чекор за Tesla беше поход на пазарот на „ефтини“ електрични возила преку Model 3, помала верзија на Model S. Последен во низата е малиот кросовер наречен Model Y, и со тоа се комплетира оваа генерација на Tesla автомобили наречена „S3XY“ – мала сублиминална порака од страна на Elon Musk.

Model Y е всушност базиран на платформата на Model 3 што може да се заклучи по идентичниот ентериер во двете возила, и многу сличниот надворешен профил. Ќе може да пренесува до 7 патници, и најбрзиот модел спринтот од 0 до 100 км/ч ќе го поминува за само 3.5 секунди. Купувачите ќе може да бираат помеѓу 4 модели: Standard Range, Long Range, AWD и Performance, со цени кои почнуваат од 39.000, па се до 74.000 долари – во Америка, секако. Европските цени сигурно ќе бидат значително повисоки.

Малиот кросовер ќе може да помине околу 370 километри во Standard Range изведбата, AWD и Performance верзиите ќе поминуваат по 450-тина километри благодарение на поголема и помоќна батерија, додека Long Range моделот ќе поминува околу 480 километри на едно полнење.

Купувачите кои очекуваа намалена верзија на Model X со извонредните gullwing задни врати – ќе бидат разочарани. Сите 4 врати се отвараат нормално, но заеднички момент со Model X ќе биде опцијата за третиот ред седишта, каде (според она што беше презентирано на промоцијата) собира двајца возрасни луѓе. Model Y ќе може да се види на улиците низ САД во 2020-та година во сите модели освен најевтиниот Standard Range.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.