CARclub на Porsche Driving Academy на Istanbul Park F1 патеката! (прв дел) – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

CARclub на Porsche Driving Academy на Istanbul Park F1 патеката! (прв дел)

Имавме есклузивна и несекојдневна можност да учествуваме на обуката за возење која ја организира Porsche за своите клиенти – и тоа не било каде, туку на Istanbul Park F1 патеката во Истанбул!


Ако мислев дека нешто нема да успеам да го направам во животот – тоа е да возам на Формула 1 патека. Очигледно, не сум бил во право.

Но сепак, да започнам по ред. Приказната започнува со Istanbul Park F1 патеката – според многу возачи, една од најдобрите патеки во светот – техничка и брза, патеката нуди вистински предизвици без разлика на искуството и вештините на возачот. Токму на Istanbul Park, Porsche има свој тренинг центар кој го користи за обука на своите клиенти – сепак, ако веќе се решите да купите Porsche, зошто да не научите – од најдобрите – како да го извлечете максимумот од својот автомобил?

Премиум искуството започнува веднаш штом ќе слетате на еден од аеродромите во Истанбул. Ќе ве пречека претставник на компанијата со Porsche табличка, ќе ве смести во комфорен и луксузен минибус и ќе ве префрли во хотел со пет ѕвездички, каде ќе започне искуството кое верувајте – нема никогаш да го заборавите.

Кога за прв пат ќе се доближите до Istanbul Park, ќе бидете изненадени од размерот на нештата. F1 патеките сме навикнати да ги гледаме на малите екрани, па кога за прв пат ќе ја ги забележите трибините и сето она што значи да се биде дел од F1 патека, работите стануваат интересни. Всушност, кога за прв пат стапнав на тој – за многумина свет – асфалт, се почувствував истовремено горд, но и понизен – тука возеле великани. Тука, на овој асфалт, каде јас во моментов стојам, возеле најбрзите возачи на светот. Едноставно – мора да се почитува тоа и кон патеката да се пристапи со внимателност, па можеби и малку здрав страв.

Во рамките на Driving Центарот функционира и Porsche Driving Academy – неколкудневен „курс“ за возење чија цел е да ги запознае учесниците со напредните техники за возење кои се потребни доколку седнете зад воланот на нешто навистина моќно. Академијата „покрива“ неколку теми и опфаќа неколку различни вежби – а сето тоа е идеално поделено во неколку различни целини за навистина да се извлече максимумот. Дали е тоа слалом или пак таканаречениот „Kick-Plate“, можностите и условите се идеални за прогресивно – и пред сè безбедно – истражување како на сопствените лимити, така и на лимитите на возилата. Секако, за сето ова да биде возможно, цело време групата беше придружувана од двајца професионални возачи (верувајте, навистина професионални) со кои можевме лесно и брзо да ги подобруваме нашите вештини и да ги совладуваме вежбите.

Всушност, морам однапред да им се заблагодарам на нашите инструктори – Jonathan од Британија и Tobias од Германија – кои беа исклучително трпеливи, внимателни и полни со информации, совети и трикови за подобро возење!

Поврзано:  Новиот Taycan го наелектризира Скопје - Македонска премиера на знаменосецот на електричната гама на Porsche

На располагање имавме многу возила – од малите Porsche 718 Boxster, Boxster S, Cayman и Cayman S, па до монументалниот (и смешно-брз) 911 Turbo S, новата Panamera, големиот Cayenne и изненадувачки сестраниот Macan. Целата гама на германскиот производител ни беше ставена на располагање.

Вежба бр. 1 – Слалом со 718 Boxster S

Обуката започнува со една од најтехничките вежби – слалом низ конуси зад воланот на Porsche 718 Boxster S. Средно-поставениот 2.5-литарски мотор на малиот Boxster го прави идеално-маневрабилен и одличен за ваков предизвик.

Кратката, но исклучително-техничка вежба го бара максимумот од секој возач. Вежбата започнува со нагло забрзување до првата „капија“, каде возачот треба силно да закочи, да совлада свиок од 180 степени и потоа да продолжи да вози слалом низ тесно-поставени конуси сè до крајната „гаража“ каде не треба да ја надмине границата за сопирање.

Сето ова звучи лесно – но верувајте, не е! Сепак, благодарение на искусните инструктори, напредокот е прогресивен, брзините се сè поголеми а времињата се сè пократки. Всушност, токму слаломот е одличен старт за програмата, бидејќи веднаш го подигнува адреналинот.

Вежба бр. 2 – Launch Control со 911 Turbo S

Пред воопшто да зборувам за ова – да напоменам дека Porsche 911 Turbo S е еден од најбрзите автомобили на планетава. Монтиран зад задната оска стои 3.8-литарски твин-турбо 6-цилиндерски боксер мотор кој испорачува 580 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Оваа земјопоместувачка моќност се пренесува кон сите четири тркала преку PDK менувач со двојна спојка, и преведено во перформанси значи (скоро неверојатни, пробајте избројте) 2.9 секунди до 100 километри на час (иако според нашите инструктори, во идеални услови таа бројка е поблиску до 2.5 секунди) и максимални 330 километри на час.

Во ред – не го правам ова прв пат, но секој пат е импресивно. Седнувам зад воланот, го ставам моќниот 911 Turbo S во Sport + режим, ја притискам педалата за сопирачките и истовремено ја притискам педалата за гас. Системот самиот го подготвува автомобилот за лансирање, ги подигнува вртежите и ми кажува дека е подготвен. Брзо го поместувам левото стапало на страна – и 911 Turbo S експлозивно се катапултира нанапред.

Скоро е невозможно да го искусите ова без во равенката да бидат инволвирани некакви пцости – толку е моќен ефектот на забрзувањето. Чувствувам како пристигнувам до 100 километри на час за помалку од 3 секунди – но моите органи како да пристигнуваат неколку милисекунди подоцна.

Колку што е импресивно забрзувањето, скоро подеднакво импресивно е и сопирањето. Силно ја притискам педалата за сопирачките и големите пневматици (предните во ширина 245, задните во импресивни 305) го загризуваат асфалтот и лицето како да сака да ми се одвои од черепот. Автомобилот самоуверено застанува, а мене ми беа потребни неколку секунди да успеам да сфатам што всушност се случило.

Поврзано:  Porsche се подготвува да го претстави првиот хибриден 911

Вежба бр. 3 – На тркачката патека со 4-вратните спортски автомобили

Porsche ги нарекува Panamera, Macan и Cayenne спортски автомобили со четири врати – и верувајте, тоа сосем добро им прилега. Прво седнувам зад управувачот на Macan GTS. Спортскиот компактен SUV е најпродаваниот модел на Porsche – и има зошто. Нуди идеална комбинација од просторност, практичност и спортската динамичност која ја очекуваме од Porsche. Колку сакаме можеме да имаме предрасуди, но динамичноста која ја покажува Macan ја истуркува секоја резервираност која би можел некој да ја има – ова е вистинско Porsche.

Излегуваме на Istanbul Park – некој би помислил дека можеби сум разочаран што моето прво излегување на F1 патека е во Porsche Macan – но верувајте, не е така. Macan е одлична платформа за првото запознавање со патеката. Со секој изминат круг подобро ги запознавам свиоците, а нашите инструктори инкрементално ја зголемуваат брзината. Се движиме побрзо и побрзо, ги совладуваме свиоците и ги запознаваме сопствените лимити.

По неколку кругови, доаѓа ред на големиот Cayenne. Веднаш е воочлива разликата меѓу помалиот Macan и големиот Cayenne – ова е голем, компетентен SUV кој можеби не е „дома“ на тркачката патека, но сепак успешно ги совладува предизвиците.

Конечно, седнувам зад управувачот на новата Panamera. Имавме неколку различни модели на располагање, па имав можност да ја пробам како новата Panamera Diesel S, така и моќната Panamera Turbo со „оној“ заден спојлер кој како да е дел од опремата на Iron Man. Новата Panamera импресионира на неколку нивоа – не само што изгледа одлично, туку и се вози одлично.

Ниското тежиште и распоредот на тежината зад управувачот буди чувство како да се вози голем Cayman, или пак 911. Да, ова е голем, луксузен автомобил – но веднаш стануваат очигледни спортските и тркачките гени на Porsche. Ова е голем, луксузен автомобил кој навистина е „како дома“ дури и на тркачката патека!

Вежба бр. 4 – Управување на суво VS управување на мокро со 718 Boxster и 911 Carrera S

Можноста да се дознаат разликите во управливоста на возилата во однос на подлогата во која се вози – и тоа во контролирани, безбедни услови е одлична. Токму затоа како дел од Porsche тренинг центарот е и таканаречениот мокар Skid Pad. Оваа површина е покриена со идеално-мазен асфалт врз кој цело време прска вода и се добива површина која е лизгава како мраз. Разликата во тракција меѓу обичниот асфалт и мразот сите добро ја познаваме, а ова беше можност во безбедна околина да се совладаат разликите во „држењето“.

Првиот автомобил во кој седнувам е 911 Carrera S. Се задвижувам кон „лизгавиот“ дел каде со конуси е обележана неочекувана препрека која треба да ја совладам. Нагло го завртувам воланот и задниот дел на автомобилот започнува да „бега“ од саканата траекторија. Со контролирано управување и одмерени команди успевам да го исправам автомобилот и да продолжам по саканата траекторија.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche 911 добива супер-лесен T-Hybrid - станува електрифициран и уште помоќен!

Вежбата продолжува со истата препрека, но сега на сув асфалт. Веднаш се забележува разликата (и леснотијата) со која автомобилот го совладува предизвикот и успешно сопира во означената гаража. Од таму се префрлам во 718 Boxster S и повторно започнува циклусот, но по обратен редослед – прво на сува подлога, а потоа на лизгавата.

Можноста да се пробаат двата автомобили back-to-back ги прави воочливи разликите во управувањето – средната поставеност на моторот на Boxster го прави поуправлив, и малиот автомобил како да се ротира околу сопсвената оска. Ова е забавно!

Вежба бр. 5 – PSM со 911 Carrera и 718 Boxster

Безбедносните системи стануваат важни – особено кога зборуваме за спортските автомобили кои (во случајот) имаат по најамалку 300 коњски сили. Системот за стабилност кој Porsche го нарекува PSM – Porsche Stability Management (или, како што се шегуваа нашите инструктори – Please Save Me) може да ја направи разликата меѓу „спасување“ на ситуацијата или пак несакан инцидент.

Зад управувачот на „основната“ 911 Carrera и малиот 718 Boxster имавме можност да го пробаме токму ова. Оваа вежба е слична со претходната – но овој пат ја пробувавме на сув асфалт, и со причично високи брзини. Со брзина од околу 100 до 120 километри на час го симулиравме таканаречениот Moose Test и можевме и самите да се увериме дека во рацете на понеискусни возачи, PSM системот може да направи огромна разлика.

Со PSM системот вклучен – предизвикот воопшто и не е предизвик. Да, потребни се брзи реакции, но автомобилот самиот е подговен да се справи со ситуацијата и да ја задржи стабилноста. Со PSM системот исклучен, приказната е различна – да, автомобилите се стабилни (сепак се работи за спортски автомобили), но со целосно и нагло изместување на тежината на автомобилот (како што е случај при нагли и остри маневри) задниот погон го прави контролирањето потешко – но по неколку обиди, не е несовладливо.

Сепак, ваквите системи можат да бидат бесценети – особено во секојдневно возење кога концентрацијата можеби не ни е највисоко ниво, а ќе се соочиме со неочекувана ситуација.

Крај на првиот ден…

По скоро 12 часа поминати на и околу Istanbul Park, првиот ден заврши. Впечатоците се моќни, искуството бесценето и незаборавно, и иако програмата е возбудлива, таа е истовремено и исцрпувачка, и сите сме подготвени малку да се одмориме. Следниот ден нè очекуваат нови и (можеби) поинтересни предизвици – како на тркачката патека, така и надвор од неа – а можеби и надвор од асфалтот. Следете нè внимателно – приказната ќе ја продолжиме наскоро!

Галерија 1

Галерија 2



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.