Новиот Taycan го наелектризира Скопје – Македонска премиера на знаменосецот на електричната гама на Porsche – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Taycan го наелектризира Скопје – Македонска премиера на знаменосецот на електричната гама на Porsche

Вчеравечер своја македонска премиера имаше освежениот Porsche Taycan, кој во врвната Turbo GT изведба има повеќе од 1100 коњски сили!

Македонска премиера на освежениот Porsche Taycan. Знаменосецот на електричната гама на Porsche неодамна доби темелно освежување, нови батерии и поефикасни и помоќни мотори – и веќе пристигна и кај нас!

Сите три верзии на Taycan добија освежување – тука е „обичниот“ Taycan, но и повеќенаменскиот Taycan Cross Turismo и практичниот Taycan Sport Turismo. Во зависност од конфигурацијата која ќе ја одберете, Taycan има батерија со капацитет до 105 kWh, но добива и можност за уште помоќно полнење и тоа до максимални 320 kW.

Според WLTP мерењата, Taycan ќе може да помине до 678 километри со едно полнење на батериите – зголемување за цели 175 километри, односно 35%. Ако имате пристап до доволно брз полнач, Taycan може да се наполни од 10 до 80% за само 18 минути – безмалку 20 минути пократко од претходникот – и покрај поголемата батерија!

Основниот Taycan забрзува до 100 километри на час за само 4.8 секунди – цели 0.6 секунди побрзо од претходно. Врвниот Taycan Turbo S катапултира до 100 километри на час за 2.4 секунди – 0.4 секунди побрзо од претходно. Подобреното забрзување се должи на зголемената моќност – основниот Taycan сега има 80 коњски сили повеќе. Taycan Turbo S? Безмалку 200 коњски сили повеќе – односно вкупно 952 коњски сили!

На самиот врв на понудата е лудиот Taycan Turbo GT. Кај него, погонот испорачува 790 коњски сили, односно дури 1108 коњски сили во Launch Control режим – а тие бројки го прават Taycan Turbo GT најмоќното Porsche на сите времиња. Воедно, Taycan Turbo GT е и најбрзо-забрзувачкиот Porsche во историјата на брендот – 100 километри на час пристигнуваат за само 2.3 секунди, односно 2.2 секунди со Weissach пакетот. Ако тоа не е доволно да ви ја одлепи кожата од лицето, тогаш што е?

Во однос на естетските корекции, Taycan добива нови HD Matrix предни светла со надградена оптика, додека на задниот дел Porsche ознаката е интегрирана во светлосниот елемент. Достапни се и неколку нови бои, а Turbo и Turbo S моделите добиваат Turbonetic детали кои дополнително ќе ги издвојат од остатокот од гамата.

Поврзано:  Дали новите Panamera Turbo S E-Hybrid и Panamera GTS се најдоброто од спортскиот седан на Porsche?

Кабината добива нов дисплеј со поедноставен кориснички интерфејс, но и нов прекинувач кај управувачот наменет за поедноставно и поинтуитивно користење на системите за асистенција. Од Porsche напоменуваат дека Apple CarPlay е интегриран во инфозабавниот ситем и доаѓа со можност за прикажување на видео на централниот или на совозачкиот дисплеј. Достапни се и нови пакети на материјали за ентериерот, меѓу кои и две опции во кои не се користи кожа. Наместо кожа се користи високо-напреден Race-Tex и специјални текстилни материјали.

Новиот Taycan веќе може да се погледне во салонот на Porsche во Скопје!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.