Втората сезона на The Grand Tour пристигнува во Октомври – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Втората сезона на The Grand Tour пристигнува во Октомври

Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј се враќаат на Amazon Prime во Октомври за втората сезона од The Grand Tour, кое ќе остане со висок буџет, но ќе претрпи некои измени.

Според скромната изјава на Џејмс Меј во интервју за The One Show на BBC, новата сезона ќе биде подеднакво скапа како и претходната – со многу патување, голем екипаж, многу технологија и 4K видео резолуција. Тој исто така откри дека шоуто генерално ќе остане исто, но ќе претрпи измени кои не сакаше да ги открие предвреме.

Кои точно ќе бидат тие останува да видиме во првата епизода во Октомври. Во првата сезона имаше сегменти кои беа критикувани од гледачите како на пример Американецот, кој беше тотално спротивна верзија на хумористично мистериозниот Стиг. Исто така делот со „убивање“ на познати личности брзо стана досаден, иако беше создаден за да ги исмева забраните поставени од правниот оддел на BBC.

Искрено се надеваме дека директорите на The Grand Tour ќе ги послушаат конструктивните критики на гледачите и ќе ги заменат со поинтересни сегменти, кои би го направиле ова шоу подеднакво возбудливо како најдобрите епизоди од Top Gear.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.