Иако малкуте компании од Велика Британија кои сѐ уште произведуваат автомобили на своја територија се спремаат за пост-Brexit сценариото, Aston Martin без страв продолжува кон своите цели, претставувајќи 4 концепти со средно поставен мотор на авто-саемот во Женева.
Aston Martin Valkyrie е одговорот на низата хипер-автомобили кои се појавија на пазарот во изминатите години. Се очекуваат 1160 коњски сили од комбинација на 6.5 литарски V12 мотор и хибриден систем, како и многу ниска тежина – со досега невидени перформанси.
Вториот модел е Pro верзијата на Valkyrie. Со тежина од околу 1000 килограми и аеродинамична каросерија која може да генерира над 1000 килограми воздушен потисок, Valkyrie Pro теоретски ќе може да вози наопаку (не, не се шегуваме).
Третиот модел сѐ уште се појавува под сериски број, и нема официјално име. Засега, ќе го препознаваме како AM-RB 003. Овој модел ќе биде позициониран веднаш под Valkyrie, и во споредба со знаменосецот, ќе нуди повеќе простор за патниците, поудобно возење, а ќе биде и попријателски настроен за секојдневна употреба. Концептот претставен на авто-саемот во Женева е 90% сличен со серискиот модел кој треба да го доживее своето деби во 2021 година.
Aston Martin Vanquish е четвртиот модел, и е првиот автомобил на Aston Martin со средишно поставен мотор кој масовно ќе влезе во сериско производство. Наменет е директно да се спротистави на најновиот Ferrari F8 и на навистина брзиот McLaren 720S. Сериските верзии на AM-RB 003 и Vanquish ќе бидат погонувани од комплетно нов V6 мотор потпомогнат или од хибриден систем, или од турбополначи (или и двете опции).
Aston Martin во моментов ги гради своите нови фабрики во Велс, со што се очекува огромен дел од компонентите на новите модели да се изработуваат во Велика Британија. Тоа значи создавање на нови работни места и нови приливи на пари во Британската економија, патриотска одлука за почит од страна на Aston Martin.