На тркачка патека ги запознавме новите спортски пневматици на General Tire – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

На тркачка патека ги запознавме новите спортски пневматици на General Tire

На тркачката патека во Serres, во соседна Грција, имавме одлична можност самите да се увериме во можностите на новите Altimax One и One S пневматици на американскиот бренд General Tire.

Тркачката патека во Serres беше нашиот домаќин, а поводот за „службеното патување“ во Грција беше несекојдневната презентација на новите General Tire Altimax One и One S спортски пневматици која ја организираше македонскиот импортер за овој бренд – Мотоцентар.

Вакви презентации навистина ретко се случуваат – па со задоволство ја прифативме поканата и ние – покрај партнерите на Мотоцентар  и уште неколку медиуми – да бидеме дел од овој настан. Сепак, ова се оние работи за кои вреди да се зборува. При пристигнувањето во Серес, нашите домаќини од Мотоцентар и General Tire ни објаснија во детали за новите спортски пневматици на General Tire. Altimax One и Altimax One S се наменети за оние возачи кои навистина уживаат зад управувачот и сакаат доверливи пневматици кои нудат спортски перформанси.

Altimax One има шара со три бразди, со цел да овозможи прецизно управување и безбедно сопирање во суви услови. Во влажни услови, големиот број на тракциски засеци им овозможуваат на возачите подобрена контрола и сигурност при отежнати услови. На самиот старт Altimax One ќе бидат достапни во 12 големини за тркала почнувајќи од 15 инчи. Скалило погоре се Altimax One S, кои имаат шара со четири бразди, дизајнирана да одговара на големини наменети за возила со повисоки перформанси. На почетокот, Altimax One S ќе бидат достапни во 37 големини за фелни во димензии од 15 до 20 инчи и ќе покријат голем број возила од компактни до средни модели со високи перформанси. Од General Tire ни кажаа дека понатамошното проширување на палетата ќе се случи во текот на 2020 и 2021 година.

Стручните лица од General Tire ни објаснија дека при конструкцијата на новите пневматици се користени сите искуства и технологии кои Continental ги поседува (General Tire е во целосна сопственост на Continental повеќе од 30 години), а тоа навистина ветува многу.

„Ова е возбудлива промоција за General Tire во Грција. Нашите најнови гуми за патнички возила нудат целосна сигурност во секојдневните авантури. Промовирањето на нашите Altimax One и Altimax One S на Патеката во Серес е одлична можност за гостите да ја доживеат од прва рака импресивната изведба на Altimax One и Altimax One S.“, изјави Matthias Bartz, генерален менаџер за развој на бизнисот во регионот на Европа, Среден Исток и Африка.

На тркачката патека во Serres, и самите имавме можност да седнеме зад управувачот на Suzuki Swift Sport, опремен токму со Altimax One S пмевматици, и самите да се увериме во нивните таленти и можности. Малиот, супер-лесен спортски автомобил дополнително „зајакнат“ со спортска суспензија, спортски седишта и GT Altimax One S пневматици е вистинска супер-забавна играчка – и одлична платформа за новите пневматици да се покажат.

Одличина иницијатива на Мотоцентар и General Tire – навистина се надеваме дека ваквите настани ќе станат сè почести и дека купувачите ќе ги препознаат талентите на Altimax One и Altimax One S. Јаготка на шлагот беше Иџе, кој дојде специјално за да ги повози гостите во Porsche 911 GT3!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.