Новите Peugeot Rifter, Citroën Berlingo и Opel Combo Life ја освоија AUTOBEST 2019 – Best Buy car of Europe титулата.
Со вкупно 14.076 поени, триото на PSA го освои првото место со само 148 поени пред новата генерација на Ford Focus. 12-тата генерација на Toyota Corolla се најде на третото место со вкупно 13.846 поени, само 82 поени помалку од Focus. После нив во финалното рангирање следат Kia Ceed, Citroen C4 Cactus и втората генерација на Dacia Duster.
„Задоволство ми е да им честитам на раководството на 3-те бренда на PSA кои ја освоија AUTOBEST 2019 титулата! Конкуренција беше тешка со многу силни конкуренти. Во однос на каросериските изведби и погонските групи, ова дефинитивно беше најразновидниот AUTOBEST во последниве години. Изборот на жирито за “Ludo space” тип на возило е храбра одлука која уште еднаш ја потврдува решеноста да се откријат новите трендови, давајќи му на просечниот европски потрошувач вистински водич за купување на автомобили што се погодни за утре!“ – рече Илија Селиктар, претседателот на жирито.
Членовите на AUTOBEST жирито ја изгласаа Rear Occupant Alert технологијата на Hyundai за освојувач на наградата SAFETYBEST 2018. Овој пионерски систем ги открива движењата на задните седишта и делува како превенција родителите да не ги оставаат децата во топол автомобил. Оваа функција е многу корисна за заштита на животите на децата во потопли земји каде што во последно време се појавија многу случаи со трагични последици. AUTOBEST жирито го посочува Hyundai како пример што треба да го следат другите производители за ваквите системи да се најдат во идните модели автомобили, особено во оние семејно ориентираните.
За исклучителниот придонес во поврзувањето на возачот и вештачката интелигенција во автомобилот, наградата SMARTBEST 2018 отиде кај BMW за неговиот Intelligent Personal Assistant. Со оваа престижна награда жирито ја препозна одличната способност на BMW IPA за непречено да обезбеди мноштво информации, но исто така и природни реакции на потребите на возачите и, пред сè, да соработува со другите постоечки виртуелни асистенти кои ги користи сопственикот на автомобилот на други уреди. Соработката на повеќе виртуелни асистенти е она што прави BMW Intelligent Personal Assistant да биде чекор напред.
Jaguar I-Pace е добитник на наградата ECOBEST 2018. Првиот електричен Jaguar исто така е и првиот премиум електричен SUV кој доаѓа од европски производител. Тој е еден од технички најнапредните автомобили што се појавија оваа година и е брилијантен израз на техничките можности на Jaguar Land Rover. Храбар проект од компанија значително помала од Audi, BMW и Mercedes-Benz, кои исто така имаат испланирано конкуренти на I-Pace. Тој ја менува играта во брзорастечкиот сегмент на еколошки автомобили. Совршен пример на AUTOBEST значењето за ECOBEST.
Европското AUTOBEST жири им се заблагодарува на читателите од цела Европа за поттикнување на проектот и службите за односи со јавноста во автомобилската индустрија за обезбедување на целосна поддршка во организирањето на средбите и спроведувањето на тестовите на новите производи.