BMW потврди плаг-ин хибридни верзии на X3 и X5 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW потврди плаг-ин хибридни верзии на X3 и X5

Откако BMW ги претстави најновите генерации на своите X3 и X5 SAV-ови (според нив, Sports Activity Vehicle подобро ги опишува моделите отколку Sports Utility Vehicle), продажбата не престанува да расте!

Најновата генерација на X3 се продава 60% подобро од претходната (и има зошто, прочитајте го нашиот тест) за ист временски период, додека X5 иако неодамна претставен (а деновиве и кај нас) ужива огромна популарност ширум светските пазари. Сепак, на северноамериканскиот континент не цветаат рози за овие два модели – таргет групата кон која цели BMW се прогласува себеси како еколошки свесна, барајќи модели со хибридни и електрични погони.

Северна Америка е многу важен пазар за BMW, па баварците потврдија дека во 2019-та година ќе биде претставен плаг-ин хибриден X3 модел наречен X3 xDrive30e кој ќе го позајми погонот од BMW 330е iPerformance. Тоа значи 2-литарски бензински мотор и електричен мотор поставен помеѓу моторот и менувачот – комбинација која произведува максимални 275 коњски сили и нуди до 60 километри возење само на електрична енергија. Со очекувани емисии под 50 грама CO2 по километар и потрошувачка од околу 4 литри гориво на 100 километри, се очекува добар пречек на овој модел во САД и Канада.

Плаг-ин хибридната верзија на X5 ќе се нарекува X5 xDrive45e и под хаубата ќе носи 3 литарски „реден шестак“, комбиниран со електричен мотор со слична поставеност како и кај X3 – меѓу моторот и менувачот. Се очекуваат 388 коњски сили и 600 њутн-метри вртежен момент, забрзување од 0-100 км/ч за 5.6 секунди и автономија на електричен погон од 60-тина километри.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.