Тјунингот е убава работа, особено кога додатоците изгледаат како фабрички, а зголемувањето на моќта е навистина забележително – а токму тоа е случајот со LP-740 2.0 пакетот од Loma Design наменет за Ferrari Portofino.
Ајде да започнеме со модификациите на моторот – 3.9-литарскиот твин-турбо V8 сега испорачува над 700 коњски сили – всушност токму затоа и LP-740 ознаката (која повеќе од очигледно е наменета да го предизвика Lamborghini Aventador). Забрзувањето до 100 километри на час трае само 3.1 секунд а максималната брзина е 342 километри на час.
Инаку, модификациите продолжуваат и со екстериерот – ќе добиете аеро пакет кој ја проширува каросеријата. Аеро пакетот вклучува нов преден браник со поголеми отвори за воздух, многу карбонски делови и карбонски спојлер кој го дополува спортскиот карактер. Страниците добиваат интегриран тунел за воздух, автомобилот е понизок за 30 милиметри напред и 25 милиметри позади, а ќе добиете и 21-инчни тркала дизајнирани од Loma кои се 20% полесни од стандардните.
Задниот дел добива поостро дефиниран заден браник со редизајниран дифузер, но и мали детали од карбон и мал карбонски спојлер. Цените за аеро пакетот започнуваат од околу 17.000 евра.