full screen background image
Search

McLaren Speedtail го добива прекарот „Albert“

25 години беа потребни на британскиот бренд McLaren да создаде достојна замена за легендарниот McLaren F1. Претставен како McLaren Speedtail, супер-брзиот хипер-автомобил наменет за поминување големи километражи по уште поголеми брзини ветува максимална брзина од дури 402 км/ч за своите тројца патници – да, добро прочитавте, Speedtail ја продолжува McLaren-овата легенда на хипер-брзи автомобили за тројца луѓе.

25 години се доста долг период за размислување, па така, тимот на McLaren – со цел да оддаде почит на автомобилот кој долго време ја бранеше титулата „најбрз патнички автомобил“ – на прототипот MVY02 му го додели прекарот „Albert“ – и тоа по Albert Drive, улицата во Вокинг, Велика Британија, каде се наоѓа студиото во кое е дизајниран McLaren F1. Овој прототип на Speedtail ќе биде еден од неколкуте кои веќе се тестираат по патиштата низ целиот свет.

Она што го издвојува Алберт од другите прототипови е дека ја добива првата шасија изработена по производствени спецификации, како и прототип (но многу близок до финалната верзија) на хибридната погонска единица која ќе испорачува 1036 коњски сили. Според Ben Gulliver, одговорен за развој на McLaren-ови возила „Тука почнува вистинскиот тест за Speedtail. Конечно ќе можеме детално да работиме на рафинирање на дизајн, системите за кочење и управување и амортизацијата со цел што побрзо да понудиме автомобил без компромиси на своите купувачи“.

Освен трите седишта, помеѓу Speedtail и F1 идентична е и бројката на автомобили кои ќе се произведат – 106. Speedtail ќе забрзува од 0 до 300 км/ч за навистина неверојатни 12.8 секунди, и почетната цена ќе изнесува 1.75 милиони евра (плус даноци), но ве уверуваме – нити еден Speedtail нема да биде платен по својата почетна цена. Сите 106 автомобили беа продадени пред моделот да биде претставен, и ќе одат во рацете на најбогатите светски колекционери и љубители на автомобили кои несомнено екстензивно ќе ги персонализираат автомобилите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.