ТЕСТ: Toyota Aygo 1.0 72 X-Cite – Да внесеме малку боја во урбаното сивило – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Aygo 1.0 72 X-Cite – Да внесеме малку боја во урбаното сивило

Малите автомобили наместо секојдневие се своевидна реткост на нашиот пазар – па токму за да ги разбиеме стереотипите поминавме еден викенд со најмалиот модел на Toyota – неодамна освежениот Aygo.

Чуден пазар е македонскиот – кај нас малите автомобили би требало да се продаваат како алва, но за жал реалноста е многу различна. Кај нас купувачите преферираат половни автомобили „на метар“ наместо практични и економични, мали градски автомобили.

Сето тоа станува уште поочигледно кога ќе погледнеме околу нас – секое утро во градскиот метеж гледаме 20-тина години стари автомобили од премиум брендови, кои се „тазе увоз“ и од „баба возени“ која скоро секогаш е „сопруга на доктор“, обично од некое мало германско гратче, па затоа и ниската километража – само 170.000 километри (иако во реалноста таа бројка е неколкукратно поголема).

Зошто ја начнуваме оваа тема? Зарад тоа што сме убедени дека малите градски автомобили се вистинскиот избор – особено ако не ги напуштате премногу често границите на тој град. И токму малите градски автомобили имаат мал милион предности – од пониската цена, преку компактните (и пред се практични) димензии, па сè до пониските трошоци за одржување.

Toyota неодамна темелно го освежи Aygo – а измените започнуваат со дизајнот.

Полека но сигурно, таа дискусија нè води до малиот Toyota Aygo. Со неодамнешното освежување, Toyota ги затегна брчките на градскиот малишан и му даде лик кој некако е поприфатен кај европските купувачи.

Во ред, ајде веднаш да ја споменеме бојата на нашиот тестен модел – некои би ја нарекле розова, некои виолетова… Ние не сме експерти за боја, па ќе ја наречеме одлична. Сериозно, ова ни од далеку не може да се класифицира како „машка“ боја, но несомнено одлично му прилега на малиот Aygo. Во морето од бели, црни и нијанса-на-сиво автомобили, малиот пурпурен Aygo се издвојува од се – и привлекува многу, многу внимание.

Ни се допаѓа и редизајнираната маска. Подзамижете малку и фаровите наликуваат на оние кај McLaren 720S. Во ред, споредбата е несомненео храбра и несоодветна – но ете, нам ни наликува. Инаку, формата не е премногу променета – ова е сепак мал, градски автомобил кој доби мид-лајф освежување, па не ни можеме да очекуваме многу. Она што вреди да се напомене е дека многу внимание е посветено на намалување на несаканите вибрации и бучавоста, па освежениот Aygo одлично котира во овие категории – во контекст на класата, секако.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

За пофалба се материјалите во кабината, како и ергономијата. За жал управувачот се нагодува само по висина, а не и по длабочина, но подготвени сме да го простиме тоа. Кабината нуди изненадувачки многу простор, а на задната клупа двајца ќе се сместат во релативен комфор. Сите прекинувачи се јасни и лесни за користење, а ќе го пофалиме и новиот мултимедијален уред кој е чувствителен на допир и за прв пат кај Toyota нуди Apple CarPlay и Android Auto поврзување – функционалност која е особено важна кај помладите купувачи.

Многу ни се допаднаа и ситните детали кои се во иста боја како и екстериерот – на пример декоративните елементи околу отворите за вентилација, малиот прстен на рачката од менувачот и на уште неколку места. Дефинитивно го „живнуваат“ ентериерот!

Возењето низ град со Aygo е вистинско задоволство. Во ред, ниту можеме ниту смееме да очекуваме спортски перформанси, но сепак можете „да си поиграте“ зад управувачот на малиот градски автомобил. Неговите вистински супер-моќи доаѓаат во форма на градска маневрабилност и супер-лесно паркирање. Прегледноста е одлична (и плус надополнета со паркинг-камера кај нашиот модел) благодарение на големите стаклени површини, а малиот Aygo ќе го собере во скоро секакво паркинг-место.

Значително е освежен и малиот бензинец – кој истовремено е супер-економичен и ги задоволува најстрогите еко-норми

За пофалба е и малиот мотор, кој со неодамнешните ревизии е целосно во согласност со ЕУРО 6 стандардите. Дополнително, малиот 1-литарски бензинец со три цилиндри добива дополнително стаблизирање, па работи исклучително тивко и мирно – само звукот ќе издаде дека се работи за мотор со три цилиндри. На располагање имате 72 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 93 Nm вртежен момент при 4400 вртежи во минута.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Силата се пренесува кон предните тркала преку 5-степен рачен менувач, а сето тоа резултира со „стотка“ за 13.8 секунди и максимални 160 километри на час – повеќе од доволно за градски автомобил. Имаме позитивни впечатоци и од потрошувачката – бидете внимателни и таа ќе биде околу 6 литри на 100 километри низ град, а дури ни со „тешка нога“ не успеавме да надминеме 7.3 литри на 100 километри – повторно, само низ град.

Секако, Aygo не сте законски ограничени да го возите Aygo само низ град – и токму затоа решивме малку да го напуштиме градскиот хаос и да видиме како Aygo ќе се снајде и на отворен пат – и генерално, немаме ништо посебно негативно да пријавиме. Да, Aygo на отворен пат е надвор од својот вистински елемент и можеби не е идеалното возило за минување долги релации, но освен поголемата бучавост на поголеми брзини, немаме посебни забелешки – седиштата се комфорни, музиката од аудио-уредот е доволно гласна, а Aygo е навистина сосем адекватен сопатник.

Туку.. Дискусијата за градски автомобили – да, со задоволство можеме да го препорачаме Aygo ако ви е потребен мал, маневрабилен градски автомобил. Практичноста која доаѓа со компактните димензии е незаменлива, а шармот на интересниот дизајн и храбрите бои е навистина привлечен. На сето тоа го додаваме економичниот бензинец, и добиваме мал автомобил наменет за вистинскиот урбан херој. Или хероина, сеедно.

Димензии

Спецификации

  • Мотор: 1-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 72 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 93 Nm / 4400 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 160 км/час
  • Забрзување 0-100: 13.8 секунди
  • Должина: 3465 mm
  • Ширина: 1615 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1460 mm
  • Тежина: 840 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2340 mm
  • Багажен простор: 168 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 6.8 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Toyota Aygo 1.0 72 VVTi X-Start – 9.390 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Aygo 1.0 72 VVTi X-Cite – 12.990 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk
Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.