ТЕСТ: Toyota Corolla 1.6 Valvematic 132 Luna – Зошто дизел, кога може бензинец? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Corolla 1.6 Valvematic 132 Luna – Зошто дизел, кога може бензинец?

Тековната генерација на Corolla е скоро на крајот на својата кариера, а ние токму затоа седнавме зад управувачот на верзија со 1.6-литарски бензинец, за уште еднаш да се увериме во нејзините квалитети.

Ова е трет пат да се дружиме со оваа генерација на Corolla. Првиот контакт го имавме кога Corolla од оваа генерација пристигна во Македонија, за потоа повторно да се дружиме кога Corolla имаше фејслифт, и сега повторно сме со Corolla – но со еден можеби малку невообичаен (за македонскиот пазар) избор на мотор под поклопецот.

Парадигмата се менува – европјаните на голема врата го напуштаат дизелот и се ориентираат кон бензинците, а тоа беше една од најважните причини поради кои ја искористивме шансата да поминеме неколку дена со Corolla опремена со 1.6-литарски бензинец.

И сега сигуно ќе нè прашате – но зошто е бензинецот невообичаен избор? Па во ред, треба да бидеме искрени – македонскиот пазар е воглавно ориентиран кон дизелите. Но зошто и ние да не ги следиме европските трендови и да побараме бензинец наместо дизел? Токму затоа, со многу ентузијазам му пристапивме на бензинецот во Corolla – јапонците знаат што прават, а и на прв поглед бензинецот ветува интересни перформанси.

„Бензинец? Мора да троши како луд?!“

Според официјалните податоци, 1.6-литарскиот Valvematic бензинец испорачува 132 коњски сили при (релативно високи) 6000 вртежи во минута, но и сосем солидни 160 Nm вртежен момент од 4400 вртежи во минута. Преведено во перформанси, тоа значи забрзување до 100 километри на час за рамно 10 секунди и максимални 200 километри на час – но она што е многу поуверливо е подготвеноста на атмосферскиот бензинец да понуди перформанси во било кој момент.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Бензинецот реагира подготвено на секое притискање на педалата за гас, па доколку сте во вистинскиот степен на пренос Corolla подготвено ќе забрза. Како што и можеме да очекуваме, силата се пренесува кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач – кој патем, е вистинско задоволство да се користи. Менувачот кај Corolla е попрецизен за користење отколку кај многу поскапи и поизвикани брендови и модели.

„Но момци од CARclub“ – Ве слушаме како забележувате – „бензинците трошат.“ Да, во ред – би се согласиле со Вас. Во однос на дизелите, бензинците секогаш ќе трошат малку повеќе. Во случајот на Corolla, таа разлика не е премногу голема. За време на неколкудневното дружење со Corolla, ние измеривме просечна потрошувачка која едвај надмина 8 литри на 100 километри во градски услови – а тоа е повеќе од импресивно со оглед на големината на Corolla.

Најмоќното нешто што можеме да го кажеме за Corolla е дека – Corolla е Corolla!

Инаку, од сите други аспекти – Corolla е Corolla – и тоа е можеби најмоќното нешто кое може да се каже за јапонскиот седан. Corolla е бренд сам по себе – воопшто не е чудно што токму Corolla е најпродаваниот автомобил на светот. Дизајнот е интересна комбинација од резервиран и модерен – а тоа значи дека и по 20 години Corolla ќе изгледа како да припаѓа на улиците, односно нема да изгледа застарено.

Кабината започнува да ги покажува годините – но сепак е комфорно место за седење и минување стотици, па и илјадници километри. За практичноста (повторно) немаме никакви забелешки – повеќе од доволно простор има и на предната и на задната клупа, а багажниот продолжува да биде соодветно голем со неговите 530 литри зафатнина. Единствено би посакале малку повеќе звучна изолација.

Многу опрема, врвна безбедност

Немаме забелешки ниту на опременоста – нашиот тестен модел дојде со автоматски двозонски клима уред, мултимедијален уред со екран чувствителен на допир и можност за Bluetooth поврзување, паркинг-камера, едно чудо воздушни перничиња и системи за активна и пасивна безбедност, управувач и менувач обложени со кожа…

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Совршено е јасно зошто Corolla е изборот на толку многу купувачи – непобедливата доверливост, традицијата и квалитетот се на нејзина страна. Кога на сето тоа ќе додадете производител кој ги слуша своите купувачи и го нуди токму она што го бараат, добивате автомобил кој можеби не се купува со срце, но е повеќе од разумен избор. Избор кој е разумен, комфорен, практичен, економичен и безвременски!

Спецификации

  • Мотор: 1.6-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
  • Моќност: 132 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 160 Nm / 4400 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 200 км/час
  • Забрзување 0-100: 10 секунди
  • Должина: 1620 mm
  • Ширина: 1775 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1465 mm
  • Тежина: 1120 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 530 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.1 литар (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Corolla 1.6 Valvematic Luna – 15.490 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk

Димензии

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.