Премиера: Volkswagen го претстави својот најмал кросовер – новиот T-Cross! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Volkswagen го претстави својот најмал кросовер – новиот T-Cross!

Најмалиот SUV во гамата на Volkswagen конечно ја доживеа својата премиера – кажете му добредојде на новиот T-Cross!

Volkswagen го лансираше T-Cross глобално – го претстави истовремено во Амстердам, Шангај и Сао Паоло. Новиот T-Cross е глобален модел кој ја дели основата со Volkswagen Polo – и исто како и Polo, нема да добие погон на сите четири тркала.

Дизајнерски, T-Cross е навистина интересен мал кросовер – забележуваме елементи кои влечат инспирација како од Polo, така и од Tiguan и T-Roc – но дури и од големиот Touareg благодарение на маската на ладилникој која како да е „споена“ со предните светлосни групи. Особено се интересни задните светла кои се всушност споени со една централна лента – дизајнерски детал кој го прави T-Cross да изгледа поширок од она што навистина е.

Инаку, T-Cross е импресивно просторен, со оглед на димензиите. Автомобилот е долг 4.11 метри, а има меѓуоскино растојание од одлични 2.56 метри. Кабината ветува многу простор – задната клупа се поместува понапред или поназад за цели 140 милиметри, а како резултат на тоа имаме багажен простор со капацитет меѓу 385 и 455 литри, односно значителни 1281 литар со спуштени задни седишта.

Во T-Cross ќе се вградуваат три бензински мотори и еден турбодизел. Бензинците се во форма на 1-литарскиот TSI кој нуди 95 или 115 коњски сили, како и 1.5-литарски TSI со 150 коњски сили. Ќе се нуди само еден турбодизел – 1.6-литарскиот TDI со 95 коњски сили. Т-Cross ќе се произведува во Кина, Јужна Америка и Шпанија, а продажбата ќе започне на почетокот на следната година.

Поврзано:   СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 DSG - Како е да се живее со плаг-ин хибрид во Македонија?


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.