ТЕСТ: Toyota Corolla 1.4 D-4D Luna – Непоколебана од времето – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Corolla 1.4 D-4D Luna – Непоколебана од времето

Ја искористивме можноста да поминеме неколку дена со неодамна-освежената Corolla и да се потсетиме зошто токму Corolla е најпродаваниот автомобил на сите времиња.


Кога пред скоро пет години за прв пат седнавме зад воланот на тековната генерација на Corolla, рековме дека Corolla е бренд сам по себе и дека наследството кое јапонскиот автомобил го пренесува од една генерација во друга не остава простор за грешки. Зошто? Затоа што од своето прво појавување па до денес, Corolla е продадена во повеќе од 44 милиони примероци!

И токму тука е еден од најголемите предизвици со кои се соочува Toyota Corolla – тестот на времето. Многу малку автомобили се продаваат под истото име толку долго, а ниту еден друг автомобил не може да се пофали со титулата „Најпродаван Автомобил на Сите Времиња“ – па тестот на времето е всушност вистинскиот конкурент на Corolla. Нови конкуренти пристигнуваат на пазарот, и многу од нив имаат навистина многу силни аргументи – но токму наследството на Corolla, тој сам-по-себе бренд  и таа лојалност која купувачите ја имаат кон Corolla, токму тука е најголемата сила на јапонскиот автомобил.

Дискретен фејслифт, но доволно темелен за Corolla да изгледа модерно

Секако – прво ќе зборуваме за дизајнот. Иако најновата генерација на Corolla веќе изгледа модерно, сепак со последниот фејслифт таа доби дискретно редизајниран преден и заден браник, редизајнирани светлосни групи и уште некои ситни детали. Особено интересно изгледа затегнатиот преден дел кој сега делува „поостро“ и некако поконцентрирано. Во ред, измените не се драстични, но се доволно детални за да ја освежат Corolla и да и помогнат да биде привлечна за купувачите. Ние само би посакале алуминиумски фелни за сликата за модерен компактен седан со чист дизајн да биде комплетна.

Практична, комфорна и квалитетна кабина

Слична приказна за одмерено, но корисно освежување продолжува и во кабината. Редизајнирани се инструментите пред возачот, кои сега ги двои дигитален дисплеј во боја, нов е мултимедијалниот уред поставен во централната конзола и нови се контролите за клима-уредот. Има освежувања и во поглед на практичноста – на пример, сега отворањето и затворањето на сите прозорци е автоматско, не само на возачкиот. Материјалите во кабината се воглавно квалитетни, и тие – исто како и Corolla – лесно ќе го издржат тестот на времето.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Инаку – Corolla продолжува да биде комфорен и практичен автомобил – иако би сакале малку повеќе нагодување на управувачот по длабочина, возачот сепак лесно ќе пронајде комфорна позиција за возење, а совозачот и патниците ќе имаат повеќе од доволно простор. Во кабината има многу места за одлагање ситници и дребулии, а приказната за практичност ја заокружува багажниот простор кој нуди капацитет од 530 литри – меѓу најдарежливите во класата.

Corolla е меѓу најлесните автомобили за возење

Но онаму каде Corolla вистински се истакнува е леснотијата во возењето. Едноставно – Corolla е лесен автомобил за возење – од супер-лесниот управувач, меките педали и прецизниот менувач, па сè до добрата прегледност и лесното маневрирање (благодарение на паркинг-камерата). Возењето во Corolla е лесно – можеби не е највозбудливото на светот, но ќе стигнете онаму каде сте тргнале опуштени и смирени, а тоа е можеби најсилниот аргумент за еден семеен автомобил.

Повторно мораме да го пофалиме 1.4-литаркиот D-4D турбодизел со кој беше опремено нашето тестно возило. Малиот турбодизел испорачува 90 коњски сили при 3000 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од 1800 до 2800 вртежи во минута. Во комбинација со одличниот, прецизен 6-степен мануелен менувач, овој мотор и овозможува на Corolla да забрза до 100 километри на час за 12.5 секунди и да постигне максимални 180 километри на час.

Во ред, тоа не се врескачки перформанси, но скоро без разлика на степенот на пренос, стиснете ја силно педалата за гас и благодарение на вртежниот момент Corolla ќе почне да забрзува без посебен приговор. Кога на сето тоа ќе се додаде исклучителната економичност – некаде околу 5.3 литри дизел гориво на 100 километри во градски услови, тогаш пакетот е навистина комплетен.

Суспензијата како да е конфигурирана токму за нашите патишта.

Бидејќи се работи за Corolla, нема ниту потреба ниту поента да очекуваме спортски претензии – и фактот дека ги нема ја прави Corolla многу подобар, многу поискрен автомобил. Примарната цел на Corolla е да биде комфорен семеен автомобил, и тука таа е едноставно полн погодок. Суспензијата идеално ги впива нерамнините од патиштата и во кабината не се пренесуваат скоро никакви несакани вибрации, а автомобилот се однесува неутрално со можеби многу мала доза на подуправување кога ќе посакате подинамично да возите.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Секако, бидејќи се работи за семеен автомобил, Corolla мора да биде комфорна и на отворен пат. Тука со задоволство ќе ја пофалиме мазноста на малиот турбодизел, но и севкупната рафинираност на Corolla – јапонскиот автомобил продолжува да биде тивок и комфорен и на повисоки брзини.

Многу опрема, врвна безбедност

Не смееме да се пожалиме ниту на опременоста – благодарение на Luna нивото на опрема, нашата Corolla дојде со автоматски двозонски клима уред, мултимедијален уред со можност за Bluetooth поврзување, електрика на сите прозорци, задна паркинг-камера, LED задни светла, управувач и менувач обложени со кожа, хромирани детали во кабината и уште многу, многу други ситници.

Не е заборавено ниту на безбедноста, па Corolla доаѓа со систем за контрола на тракцијата, систем за контрола на стабилноста, цела гама на системи за активна и пасивна безбедност и неколку воздушни перничиња и завеси. Всушност, уште при своето деби на пазарот во 2013, тековната генерација на Corolla ги освои максималните пет ѕвездички на EuroNCAP тестовите за безбедност.

Има зошто Corolla е најпродаваниот автомобил на сите времиња!

По неколкуте денови поминати со Corolla, имавме можност повторно да се увериме во квалитетите на на јапонскиот компактен седан – а тие се квалитет, робустност, комфор и практичност. А токму овие квалитети се оние, најбараните меѓу семејните седани, и токму овие квалитети ги бараат купувачите на овие возила. Всушност, човек навистина нема да згреши ако ја одбере Corolla – да, има и други автомобили кои ги исполнуваат овие очекувања, но само една е Corolla, и само Corolla може да се пофали со приматот за најпродаван автомобил на сите времиња – и верувајте, има зошто!

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2WD Cult - Очекуваниот избор

Спецификации

  • Мотор: 1.4-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 90 коњски сили / 3800 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 205 Nm / 1800 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.5 секунди
  • Должина: 1620 mm
  • Ширина: 1775 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1465 mm
  • Тежина: 1300 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 530 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 5.3 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Corolla 1.4 D-4D Luna – 16.990 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk

Димензии

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.