full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новото S60 е првото Volvo што ќе се произведува во Америка

Новото S60 ќе се обиде да биде најдинамично во класата и воопшто нема да се нуди со дизел мотор!

Volvo тукушто ја претстави најновата, трета генерација на седанот кој ја носи ознаката S60. Шведскиот бренд ја искористи инаугурацијата на новата фабрика во Чарлстон, Јужна Каролина за да го претстави и новиот модел.

Со цел да ја истакне посветеноста кон електрификацијата, Volvo одлучи дека новиот S60 ќе биде првиот модел на Volvo кој воопшто нема да се нуди со дизел мотор. Веќе од следната година сите модели на Volvo ќе бидат електрифицирани, а S60 ќе може да се добие во две хибридни изведби. Првата е T6 Twin Engine AWD Phev која ќе нуди вкупно 340 коњски сили, додека на самиот врв е T8 кој ќе нуди 400 коњски сили. Секако, ќе се нудат и Т5 и Т6 турбо-бензинците на Volvo.

На самиот врв на понудата ќе биде пакет кој се вика Polestar Engineered, кој ќе се нуди исклучиво на најмоќната Т8 верзија. Овој пакет вклучува помоќни сопирачки, ревидирана суспензија и моќност зголемена на 415 коњски сили.

Кабината ќе им биде добро-позната на сите кои имале контакт со некој од новите модели на Volvo. Добиваме чист, минималистички скандинавски дизајн, многу технологија и – секако – врвна безбедност. Со новиот S60, Volvo ја воведува и Care by Volvo опцијата за „претплата“, односно можноста да користите Volvo S60 со месечна претплата без никакви дополнителни трошоци (освен гориво).

Нам новиот S60 ни изгледа навистина динамично, и се радуваме дека Volvo останува на она по кое е познат – квалитетните и привлечни седани. Се надеваме дека набргу ќе пристигне и кај нас.

Поврзано:   Утринска Гимнастика: Како Volvo ги „развива“ своите ескаватори

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.