ВОЗЕВМЕ: По стапките на Наполеон во новиот Ford Mustang! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: По стапките на Наполеон во новиот Ford Mustang!

Некој кажал – ние машките никогаш не растеме, туку едноставно играчките ни стануваат поголеми и поскапи. Еве, размислувам и се обидувам да најдам подобра икона за ова од Mustang, и навистина не ми успева.

Кога пред неколку години за прв пат седнав зад управувачот на Mustang, за мене тоа беше остварување на средношколскиот сон. Едноставно, не можев да не се потсетам на средношколските денови кога сонував и на моите другари им зборував за мускулестиот автомобил од Америка.

Сега, неколку години подоцна пристигна и освежениот Mustang, и кога ми се пружи можноста повторно да седнам зад управувачот на овој легендарен автомобил – едноставно ги грабнав клучевите и се впуштив во потрага по американскиот дух – и тоа во Франција.

Започнуваме од Ница, а одиме кон…

Каде во Франција? Ница, поточно. Веднаш по слетувањето во Ница „ме собраа“ домаќините од Ford, ме однесоа до локацијата каде беа паркирани автомобилите, ми ги дадоа клучевите од првиот Mustang кој ќе го возам во следните ден-два, ми кажаа дека локацијата каде треба да стигнам е внесена во навигацијата и ме испратија.

Првиот Mustang кој го возам е 2.3-литарскиот Ecoboost. Да, да, можам да ве слушнам како негодувате – „Но Андреја, вистинскиот Mustang мора да има V8!“ Да бидам искрен – најверојатно и би се согласил, но ниту EcoBoost верзијата не е за занемарување. 2.3-литарскиот четири-цилиндерски турбо-бензинец испорачува 290 коњски сили и 440 Nm вртежен момент – и во комбинација со новиот 10-степен автоматски менувач и Overboost функционалноста (која краткотрајно го зголемува вртежниот момент) овозможува забрзување до 100 километри на час за помалку од 5 секунди и максимална брзина од 240 километри на час – да се разбереме, Mustang EcoBoost не е воопшто спор.

Нов, 10-брзински менувач

Но освежениот Mustang има неколку важни новитети – а еден од нив е новиот, 10-брзински автоматски менувач. Благодарение на кратките односи на брзините, автомобилот скоро секогаш може да биде во идеалниот распон на вртежи – во зависност од она што го очекувате од него. Кога е во во Normal режим, менувачот се обидува колку што е можно помазно да ги менува брзините – и успева во тоа. Возете така, и Mustang е голем и комфорен крстосувач, подготвен да „јаде“ километри.

Префрлете го менувачот во Sport режим – и карактерот се менува. Калибрацијата на софтверот инсистира да ги држи вртежите „повисоко“ и да нуди моќност веднаш и експлозивно. Оние 290 коњски сили се веднаш достапни а задниот дел е подготвен да пролизга кога ентузијазмот ќе надвладее!

Поврзано:   Популарната Ford Puma доби фејслифт

Возам кон преноќиштето и едноставно уживам во околината. Јас, во Ford Mustang, возам по Route Napoleon – знаете, оној пат по кој токму Наполеон се враќал од Елба. Како што започнува да заоѓа сонцето, се спуштам сè пониско во одличното Recaro седиште, го отворам прозорецот и уживам во погледот и атмосферата, а Mustang е одличен другар за вакво патување. По изминати неколку стотици километри пристигнувам на мојата дестинација изморен  – но дефинитивно задоволен.

5-литарски V8, 450 коњски сили и отворен кров? Кога е бал…

Следното утро моите домаќини од Ford се подготвени. Нашите автомобили се супер-чисти и светат на утринското француско сонце. Побарав – и добив – Mustang GT Convertible. GT ознаката значи дека под поклопецот се крие full-fat 5-литарски V8, а Convertible значи дека „мојот“ втор Mustang ќе биде кабриолет. Како беше она – кога е бал, нека биде маскенбал!

Влегувам во мојот V8 и веднаш го спуштам кровот. Моќните 450 коњски сили и 570 Nm вртежен момент јасно кажуваат дека се присутни. Иако сонцето силно грее, сепак утринската температура е околу 8 степени над нулата – па првите неколку моменти малку ја преиспитувам мојата одлука да одберам кабриолет. Но веднаш се снајдов – го вклучив греењето на возачкото седиште, клима-уредот го пуштив „до даска“ – и решен проблем!

Започнувам да се движам кон Ница и пред мене се повторно неколку стотици километри, но овој пат во друштво на V8 сите негови благодети.. А какви се тие благодети? Епа, благодарение на тие 450 коњски сили и 570 Nm вртежен момент, луѓето од Ford се фалат со „стотка за помалку од 4 секунди“ и максимална брзина која не би сакал да ја побарам самиот – бидејќи навистина не би сакал блиски контакти со француската Gendarmerie Nationale.

Поврзано:   Ford Kuga добива освежен изглед и обновен хибриден погон

Вториот важен новитет кај Mustang е MagneRide суспензијата. Оваа суспензија користи масло во кое има супер-ситни метални гранули, кои под влијание на електромагнет можат да ја направат суспензијата или многу комфорна, или навистина цврста и спортска.

Системот работи автоматски и може да ја прилагоди суспензијата неколку илјади пати во секунда – и едноставно.. Работи! Во моментите кога возите опуштено – суспензијата успева да ги апсорбира и израмни ситните нерамнини од асфалтот, но во оној момент кога на селекторот ќе изберете Sport режим – трансформацијата е скоро неверојатна. Автомобилот станува цврст, стегнат и веднаш се јавува оној вистинскиот Mustang дух. Во ред, во ред, Mustang можеби не е најпрецизната возачка машина на светот – но не ни треба да биде!

Американска харизма!

Напротив, вистинскиот шарм на Mustang е во неговата јасна и гласна американска харизма – каде повеќе е подобро, погласно е поубаво и инженерите се млади во срцето. Па како инаку би го објасниле Drag Mode режимот кој ги кочи предните тркала, ги „врти“ задните во место и ви овозможува да оставите зад вас траги од гуми долги неколку десеттици метри?

Продолжувам по мојот пат – минувам низ наизглед бескрајни шуми, па излегувам на шииироки планински рамнини. Кровот е отворен цело време, секако – сакам да уживам сите сензации, но највеќе во звуците на големиот V8. Не можам да се воздржам и секој пат кога можам ја притискам педалата за гас до крај – звуците кои доаѓаат и од моторот и од зад автомобилот создаваат некаква зависност. Звукот еруптира од тие големите, четири завршетоци во задниот браник – и во спротивност со трендовите, тука нема никакви „лажни“ издуви – ова е the real deal, baby!

Поврзано:   Популарната Ford Puma доби фејслифт

Сепак, мора да ги поздравам инженерите на Ford – бидејќи знаат дека Mustang е гласен автомобил, вградиле таканаречен Quiet Mode во издувниот систем, па можете да го нагодите вашиот автомобил во одредени периоди од денот да биде во тивок режим на работа – за да не им додевате на соседите, секако. Но… Како ќе знае мојот сосед дека возам голем, 5-литарски V8? Сакам и тој да ужива!

Mustang е универзално препознатлив – и следен со насмевки

Полека но сигурно се враќам кон Ница, и ги возам последните 10-тина километри од моето запознавање со новиот Mustang. Мојот ентузијазам за големото парче американски сон не е воопшто стивнат – напротив, низ овие два дена неколку стотици километри, стигнав уште повеќе да го почитувам големиот Ford.

Да, Mustang е голем, гласен и забележлив од далеку – ова не е автомобил за оние кои сакаат да отидат некаде „инкогнито“ – ова е автомобил за оние кои гордо сакаат да се истакнат и да бидат забележани. А верувајте – сите го забележуваат Mustang. Всушност, мислам дека Mustang е еден од оние автомобилите кои се универзално препознатливи – каде и да се појави, луѓето веднаш го препознаваат и насмевките се неизбежни.

Како што се наближувам кон паркингот каде треба да го вратам мојот V8, поминувам покрај група средношколци кои со забележлив ентузијазам гледаат кон мене и со рака ми покажуваат „да стиснам“. Во ред момци, нема проблем – ја притискам педалата за гас и големиот V8 уште еднаш, за последен пат „го прочистува грлото“ – татнежите ечат околу мене, добивам насмевки од децата, како и силни „палци нагоре“ – и за момент и јас се враќам во средношколските денови.

Да, дефинитивно – никогаш не престануваме да бидеме деца, а Mustang е одлична играчка токму за нас!

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.