ВОЗЕВМЕ: Ford Mustang Ecoboost & Mustang 5.0 V8 – Американскиот сон! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Ford Mustang Ecoboost & Mustang 5.0 V8 – Американскиот сон!

Ford Mustang го слави својот 50-ти роденден, и по половина век за прв пат официјално ќе се продава во Европа – а ние имавме можност да седнеме зад воланот на ова историско и легендарно парче Американа!

Чувствувам потреба да ја започнам оваа приказна со едно признание – Ford Mustang беше за мене до неодамна неостварен сон. Другарите од средношколските денови сигурно ќе се сетат дека со часови зборував за Ford Mustang. Илија, Стефан и Владимир – извинете за моето досаѓање. Но јас навистина бев опседнат со Ford Mustang. Зборував, зборував и зборував за него – всушност, во изминативе 15-тина години многу работи се сменија, но една фотографија секогаш остана дел од мојата „колекција“.

Mustang е метална метафора за Америка!

1969-mustang-mach1

Да, тоа е црвен Ford Mustang од 1969-та година. Поточно, Ford Mustang Mach1. Под дооооолгиот поклопец се крие 428 Cobra Jet V8 бензинец (бројката 428 означува број на кубни инчи – во превод значи дека има мотор со зафатнина од 7 литри) кој испорачува 335 коњски сили и скоро 600 Nm вртежен момент. Од појавувањето на овој Mustang се поминати скоро 45 години, но формулата (помалку или повеќе) е цело време непроменета – одличен изглед, голем мотор под поклопецот и скоро неограничена количина на Americana. Да објаснам – терминот „Американа“ се користи за да се истакне историјата, географијата, фолклорот и културното наследство на Соединетите Американски Држави – и слободно поправете ме ако грешам, но Mustang го прави токму тоа! Како што еден добро-познат британски автомобилски новинар еднаш кажа – Mustang е метална метафора за Америка!

mustangcinja

Океј, во ред – посветивме малку време на моите средношколски амбиции – сега да зборуваме малку за историјата на Mustang. Шеесетите години се значајни по многу работи, но автомобилските фанатици секогаш со посебна наклонетост ќе се навратат на таа декада, особено кон мускулестите автомобили од Америка. Овие автомобили му понудија на обичниот човек можност да вози автомобил со перформанси кои беа резервирани за поегзтоичните брендови. Mustang се продаваше како ниту еден автомобил пред него – автомобилските дилери не можеа да задржат автомобил во салонот, а Ford скоро и да не можеше да ја издржи побарувачката – во првата година се продадоа скоро 700.000 примероци од Mustang!

ford-mustang-convertible-front

За жал, ние во Европа никогаш официјално не го добивме Mustang. Да, секој можеше самиот да си донесе еден примерок преку океанот, но никогаш немаше да ја добие поддршката од Ford која би му била потребна. Сега, само 50 години по претставувањето на Mustang, Ford реши дека и Европа заслужува ваков автомобил! За прв пат Mustang има независна задна суспензија, а покрај тоа во листата на опрема доаѓа и заден диференцијал со ограничено пролизгување. Значи – очекувањата се високи!

Потајно сакав веднаш да седнам зад воланот на големиот V8, но ниту ова не е лошо место за седење!

ford-mustang-convertible-rear

Мојот прв контакт со новиот Ford Mustang е еден од оние моменти кои никогаш нема да ги заборавам. Наредени еден покрај друг, 10-тина примероци чекаат да бидат возени. Првиот Mustang кој „ми се падна“ е темно-сив кабриолет со 2.3-литарскиот EcoBoost турбо-бензинец поставен под поклопецот. Признавам дека потајно сакав веднаш да седнам зад воланот на големиот V8, но ќе мораше да причекам еден ден за тоа, а и впрочем – ниту ова место не е лошо за седење.

Седнувам во „мојот“ Mustang и веднаш го спуштам кровот – ако позираме, да позираме како што треба!

ford-mustang-convertible-side

Седнувам во „мојот“ Mustang и веднаш го спуштам кровот – ако веќе позираме, да позираме како што треба. Возачката позиција е одлична – седам ниско до подлогата, воланот ми е директно во рацете и сите контроли ми се познати – не ми е прв пат да седам во Ford. Веднаш се забележува дека дизајнерите на синиот овал посветиле малку повеќе внимание на ентериерот – користени се поквалитетни материјали и површините се квалитетно обложени и фино текстурирани – скоро и да ги нема типично крутите пластики кои сме навикнати да ги очекуваме кај американските возила. Единствено отскокнува копчето за стартување на моторот – би сакал да е големо и црвено.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

ford-mustang-interior-details

Го стартувам моторот и 2.3-литарскиот EcoBoost турбо-бензинец со четири цилиндри се буди и се прозева. Ова е истиот мотор кој ќе се нуди во Ford Focus RS (но кај Mustang има малку помалку моќ) и е своевиден „вовед“ во Mustang. На притискање на педалата за гас моторот реагира подготвено а звукот (кој е делумно синтетички и доаѓа од звучниците поставени во вратите) е моќен и спортски. Има луѓе кои реагираат негативно на синтетичкиот звук – но јас признавам дека не ми пречи.

Нема потреба да бидете скептични – Mustang EcoBoost ги испорачува сите работи кои се очекуваат од еден Mustang!

ford-mustang-convertible-side2

Почнуваме да се движиме – и веднаш станува јасно дека управувањето е директно а автомобилот е наменет кон ентузијастите – менувачот е со краток од, а педалата од спојката е тврда, но не претерано. Менувањето брзини претставува задоволство. Полека но сигурно ја напуштаме урбаната околина и го насочуваме Mustang кон малку поинтересни патишта – и тука Mustang EcoBoost е во својот вистински елемент. Секое притискање на педалата за гас го провоцира моторот да ги понуди сите 317 коњски сили и 432 Nm вртежен момент кои ги има на располагање, а перформансите не се за занемарување – 100 километри на час се постигнуваат за 5.8 секунди а максималната брзина е 240 километри на час. За оние кои се скептични – навистина нема потреба – Mustang EcoBoost ги нуди сите оние работи кои се очекуваат од еден Mustang – одличен звук, брзина и вистински карактер! Ставете го автомобилот во Sport режим – и очекувајте звук и перформанси кои ќе посрамат возила кои чинат значително повеќе!

ford-mustang-convertible-siderear

Испораката на сила е линеарна и скоро и да нема турбо-дупка. Лесно се дозира силата која се пренесува кон задните тркала и лесно е да го контролирате (големиот) автомобил по тесните европски патишта. Бидете во вистинскиот степен на пренос и запознајте ја педалата за гас со патосникот под неа и очекувајте задниот дел да заигра, но во ниту еден момент тоа не е неконтролирано. Леснотијата со која Mustang ги покорува свиоците ме поттикнува да притискам повеќе и да се обидам да ги дознаам лимитите на автомобилот.

Над мене е отворено небо, а околу мене е вистински примерок на Americana!

ford-mustang-convertible-fog

Да не се залажуваме – Mustang не изгледа како да припаѓа на типично тесните европски патишта, но навистина нема да замерам на тоа – леснотијата со која автомобилот се движи покажува дека инженерите на Ford навистина се потрудиле да го направат компатибилен со желбите на европските клиенти.

ford-mustang-convertible-fog2

Ако возите на идеално мазен пат – тогаш во Mustang е комфорно. Доколку возите по асфалт кој е помалку од идеален, можеби и ќе ви пречи малку потврдата суспензија. Тоа е цената која треба да се плати за управливоста и прецизноста зад воланот. На некои купувачи ова можеби нема да им одговара, но не можеме да ја негираме компетентноста на Mustang!

Од друга страна, оставете го автомобилот во Normal, префрлете во висок степен на пренос – и едноставно, можете да „крузате“ без многу потешкотии, особено во кабриолетот. Над вас е отвореното небо, а околу вас е вистински примерок на Americana. Дали може да биде подобро од ова? Остануваше само да имам трпение до следниот ден..

Eте го, пред мене – големиот, страшен фајв-поинт-оу. The big daddy.

ford-mustang-v8-side

Следниот ден дојде. Набрзина го „решив“ појадокот и се спремив за моето време зад воланот на Mustang V8. И ете го, пред мене – големиот, страшен фајв-поинт-оу. The big daddy. „Мојот“ V8 е жолт fastback со црни тркала. Идеално, ќе беше црвен, но не се жалам. Сепак, тука сум да остварам уште еден автомобилски сон. Набрзина го товарам мојот багаж во задоволително големиот багажник и седнувам зад воланот.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

ford-mustang-v8-seats-side

Се спуштам во комфорното Recaro седиште, неколку моменти „се местам“ во мојата возачка позиција и поминувам неколку минути во тивко почитување на автомобилот. Колку и да возам различни автомобили, сепак под поклопецот се крие 5-литарски алуминиумски V8 кој кон задните тркала испорачува 420 коњски сили при 6500 вртежи во минута и 530 Nm вртежен момент од 4250 вртежи во минута.

Големиот V8 подготвено го најавува своето присуство. Целиот автомобил затреперува од моќта која се нуди.

ford-mustang-v8-interior1

Го притиснувам копчето за старт и големиот V8 подготвено го најавува своето присуство. Целиот автомобил затреперува од моќта која се нуди. Звукот се стабилизира и Mustang ми дава на знаење дека е подготвен. Ја притискам педалата од спојката, ја туркам рачката од менувачот во прва брзина и полека давам гас. Автомобилот почнува лесно да се задвижува нанапред, но звукот ми дава на знаење дека сум зад воланот на сериозно парче хардвер.

ford-mustang-v8-rearside

Почнуваме да се движиме по улиците и полека но сигурно почнувам сè повеќе и повеќе да му верувам на големиот Американец. Собирам храброст и до крај ја притискам педалата за гас. Она што се случува кога до крај ќе ја притиснете педалата за гас на Mustang V8 може да се опише само како експлозија на звук, вибрации и чувство на катапултирање нанапред кое создава зависност. Да, има европски автомобили кои се значително попрецизни и поцивилизирани, но во овој момент тоа навистина не е важно – седам зад воланот на Mustang V8, педалата за гас силно притисната до подот и забрзувам до брзини кои навистина не би требало да се дел од секојдневниот сообраќај.

Ова е релативно лесен автомобил за секојдневно користење, иако можеби потрошувачката нема да биде по сечиј вкус.

ford-mustang-v8-rearside2

Она што е навистина изненадувачки е колку всушност Mustang е самоуверен и колку самодоверба влева кога се движам со висока брзина. Станува малку потежок за возење кога треба одмерено да се движам во типичен градски сообраќај бидејќи моторот е осетлив на секое посилно притискање на педалата за гас – но на крајот на денот, ова е релативно лесен автомобил за секојдневно користење, иако можеби потрошувачката нема да биде по сечиј вкус.

Mustang V8 голта километри и поразува свиоци со грациозност која сме навикнати да ја очекуваме од европски автомобили. Големите и широки задни гуми нудат одлична тракција, но сепак во секој момент мускулестиот Mustang бара должна почит – се надеваме дека имате добар возачки стаж ако се обидете да го испровоцирате големиот V8!

ford-mustang-lights

Од другата страна, воопшто не нè изненадија позитивните реакции кои минувачите ги имаа кон Mustang. За време на само два дена поминати со Mustang, неколку пати нè запреа случајни минувачи, поставуваа разно-разни прашања, го фотографираа и се фотографираа со автомобилот, а насмевките беа неизбежен дел од нивните лица. Иако Mustang е типично американски автомобил, сепак е некако навлезен во срцата на Европјаните – а сето тоа се должи на невулгарниот пристап кој го има. Да, ова е голем жолт автомобил, но не го наметнува својот карактер. Секако – не препорачувам да возите Mustang ако сте интровертна личност, бидејќи нема да поминете никаде незабележани, но сепак Mustang е автомобил кој е прифатен од околината.

Досега мускулестите автомобили беа моќни и брзи, но и нецивилизирани – но приказната со Mustang е различна!

ford-mustang-andreja

Моето време со Mustang се наближува кон крајот. Тешко ми е да се одвојам од управувачот и да излезам од автомобилот. Она што Ford го има направено и постигнато со новиот Mustang е навистина импресивно – ова е американски мускулест автомобил кој совршено се справува со предизвиците на возењето во Европа. Досега сите мускулести автомобили биле моќни и брзи, но истовремено и нецивилизирани. Приказната со Mustang е сосем различна – ова е автомобил кој во еден момент може да биде брутален, брз и да прави да ви се исправуваат влакната на рацете, но во друг момент може да биде доцилен и комфорен, а тоа е карактерна особина на квалитетно и компетентно возило.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

ecoboost-vs-v8

Ако треба да ги споредам Mustang EcoBoost и Mustang GT, и да одберам еден од нив – најверојатно би го одбрал големиот V8. Да, лесно е да се каже дека Mustang е Mustang само ако има V8, но одлуката навистина не е толку лесна. Реалноста е дека Mustang EcoBoost е поприфатлив за секојдневнио уживање – поевтин е да се купи, а и значително поштедлив на пумпите – EcoBoost троши просечно околу 13 литри на 100 километри, додека големиот V8 барем двојно повеќе – а разликата станува уште позначителна ако ги возите автомобилите како што треба. Од другата страна, карактерот на Mustang V8 е значително поизразен – звукот, вибрациите и сензациите кои ги предизвикува се незаменливи, и не е лесно да се игнорираат или пак заменат. Како што реков, одлуката не е лесна.

Mustang совршено го продава Американскиот Сон – Mustang, отворен пат и возење без конкретна дестинација!

ford-mustang-v8-sidefront

На самиот крај, да посветиме малку внимание на американскиот сон. Mustang е совршено олицетворение на сето она што Америка го претставува – големина, сила, храброст и самоувереност. Тоа можеби нема секому да му се допадне, но мора да бидеме објективни и да кажеме дека Mustang конечно е целосен продукт, кој ги надминува стереотипите за голем, неуправлив и рудиментарен автомобил. Совршено го продава американскиот сон – а за мене, тоа е Ford Mustang, отворен пат и возење без конкретна дестинација.

Уште еден автомобил од листата на автомобили од соништата е прешкртан. Mustang е токму тоа што го очекував, но и многу, многу повеќе!

Ford Mustang 2.3 EcoBoost Convertible

  • Мотор: 2.3-литарски турбо-бензински, 4 цилиндри
  • Моќност: 317 коњски сили / 5500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 432 Nm / 3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 240 км/час
  • Забрзување 0-100: 5.8 секунди
  • Должина: 4784 mm
  • Ширина: 2080 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1394 mm
  • Тежина: 1715 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2720 mm
  • Багажен простор: 332 литри

Ford Mustang GT 5.0 V8 Fastback

  • Мотор: 5-литарски атмосферски бензински, 8 цилиндри
  • Моќност: 421 коњска сила / 6500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 530 Nm / 4250 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 265 км/час
  • Забрзување 0-100: 4.8 секунди
  • Должина: 4784 mm
  • Ширина: 2080 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1381 mm
  • Тежина: 1720 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2720 mm
  • Багажен простор: 408 литри


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.