ВОЗЕВМЕ: Дрифт-обука на снег со BMW M4! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Дрифт-обука на снег со BMW M4!

Прочитајте за нашата несекојдневна можност да одиме на дрифт-обука на снег – и тоа на Алпите – со спектакуларниот, 430-коњски BMW M4!

Ладно е. Ладно е. Ладно е. Како што го стартувам мојот „службен“ BMW X3 забележувам дека индикаторот за надворешна температура покажува негативни 22 степени. Навистина е ладно.

Јас сум на Алпите и мојата задача е да научам да дрифтам на снег и мраз сo BMW M4.

Јас сум на Алпите. Поточно, во Пицтал (Pitztal) во Австрија на околу 2200 метри надморска височина и мојата денешна задача е да научам да дрифтам со BMW M4 – на снег и мраз. Ова ветува дека ќе биде забавен, забавен ден.

Нашите инструктори насмеано нè пречекуваат и започнува кратката презентација пред да седнеме во автомобилите. Она што денес ќе го возиме е можеби најинтересното и најлегендарното што BMW го нуди – M4. Спортското купе сите ние многу добро го познаваме – но сепак да повториме – под поклопецот се крие 3-литарски бензински мотор со шест цилиндри поставени во линија, врз кој „нежно“ дишат два турбополначи. Сето тоа резултира со 430 коњски сили и 550 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон подлогата исклучиво преку задните тркала.

Инструкторите се конкретни – зборуваме малку за правилна возачка позиција, малку за безбедносните системи и тука веќе се забележува првата разлика. Обично кога возиме нешто посериозно, инструкторите се прилично категорични – не ја исклучувајте контролата за стабилност. Овој пат, повторно беа категорични – исклучете ја контролата за стабилност, тука сме да дрифтаме!

По краткото запознавање со карактеристиките на BMW M4 и техниките на возење кои ќе ги вежбаме во текот на денот, нашите инструктори ја завршуваат својата презентација со прилично концизни наредби – немојте да ги искршите автомобилите и пробајте да не загинете. Значи, подготвени сме!

Седнувам во првиот М4 – еден од неколкуте кои ќе ги возам во текот на денот.

Седнувам во првиот „мој“ автомобил. Сивиот BMW M4 се буди и се подготвуваме за другарување. Како и секој пат кога се запознавам со автомобил кој крие неколку стотици коњски сили под поклопецот, ги користам првите неколку минути да се запознаам со него. Да се „испочитуваме,“ ако така сакате. Денес ќе поминам неколку часа зад воланот на неколку различни примероци на M4, а сето тоа е со една цел – да научам да контролирам автомобил со погон на задните тркала на најлизгавите можни површини.

Поврзано:  BMW го претстави концептот Skytop

Во ред, време е да бидам искрен – се сметам самиот себеси за добар возач, но немам некое големо искуство со дрифт, особено на вака лизгави површини. Но тука сум за да научам – а има ли подобар начин од ова?

Што е дрифт? Нашите инструктори го дефинираат како „Контролирано Надуправување.“

Вежбите започнуваат со постепено запознавање со системите за контрола на тракцијата и стабилноста на моќниот М4. Чекор по чекор ги исклучувам овие системи и полека-но-сигурно дознавам навистина колку разлика прават – особено на мраз. Првата вежба е прилично едноставна – два по два, нашите автомобили се вртат во круг околу означена патека и учиме како да го „ослободиме“ задниот дел со притискање на педалата за гас – без притоа целосно да се извртиме. Првите неколку пати се тешки, но по само неколку минути овој „танц“ станува природен. Нежно притискање на педалата за гас, малку „контра“ со управувачот и пролизгувањето станува контролирано.

Време е за нешто посериозно – додека ние „се вртевме во круг“ нашите инструктори подготвија патека која ќе треба да ја совладаме. Сега веќе станува поинтересно – не само што ќе треба да го контролирам мојот М4 додека дрифтам во свиок, ќе треба тој дрифт да го „префрлам“ од еден свиок во друг и да ги сврзам пролизгувањата во ланец.

Во ред, ајде. Го менувам автомобилот и седнувам во жар-црвен M4. Пред мене е еден дооооолг прав дел и потоа конуси низ кои ќе треба да поминам. Се движам кон првиот сет конуси, вртам во лево па во десно, задниот дел пролизгува и успешно се насочувам кон вториот. Се чувствувам семоќно – и церемонијално се завртувам во круг, секако. Трпение, спасение, како што кажуваат постарите.

Поврзано:  Премиера: Ова е новиот BMW X3

Напредокот е постепен, но забележлив

Продолжувам таму каде што застанав. Пред мене е долг свиок во лево и потоа одам по угорнина – повторно низ капии направени од конуси. На неколку места снегот веќе станал супер-лизгав мраз и тука е потребно уште повеќе концентрација. Јас и мојот М4 танцуваме по снегот, а низ маааалку отворениот прозорец се слуша гласот на моќниот мотор. Од едни конуси во други, од еден предизвик кон друг – тоа е тоа, успевам! Јас дрифтам на снег со BMW M4!

Во овој момент, адреналинот едноставно ме понесува. Полека но сигурно, јас и мојот BMW поинтимно се запознаваме и како што ја совладувам техниката, станувам сè похрабар и похрабар. Влегувам во свиоци со сè поголема брзина и похрабро го „исфрлам“ задниот дел. Моќниот М4 послушно одговара на секое притискање на педалата за гас и она што замислувам дека го правам е балет на снег. Некако, некаде, во задниот дел на мојата глава свири класична музика, а јас се движам во „slow motion“ на снегот! Веќе одамна не ми е студено, напротив – сонцето е силно па дури и на негативни 18 степени, мене ми е топло. Ова е она од кое соништата се направени!

Конечно, успеав – вистински автомобилски балет!

Секако, нашите инструктори се тука да нè поправат кога е потребно и да ни сугерираат како да ја подобриме техниката. Нивното присуство, искуство и трпение се бесценети. Нивните сугестии се движат од прилично генерални, па сè до навистина конкретни. Не само што одлично ја објаснија теоријата, туку беа подготвени и во пракса да ни покажат како да ги подобриме нашите вештини. Како јас да ги подобрам моите вештини.

И на крајот на денот, токму тоа и се случи – по поминати неколку часа на снег и мраз, станав доволно храбар и доволно добро запознаен со „мојот“ црвен М4 и неговите можности, за конечно да успеам безгрешно да завртам неколку кругови околу патеката. Балетот истовремено како да траеше бесконечно, но и само неколку моменти. Адреналинот си го направи своето.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот BMW M5 е најмоќниот (и најтешкиот) M5 во историјата!

Но, има уште!

Но не завршивме таму – нашите инструктори имаа подготвено посебна вежба за крајот на денот. На самиот крај, требаше да успееме да направиме Secret Agent Turn – знаете, она кога главниот јунак во филмот (да речемe Том Круз во некој Mission Impossible филм) вози во рикверц со прилично висока брзина, нагло го завртува автомобилот за 180 степени и продолжува да вози нанапред без воопшто да застане? Е, тоа.

Океј, наместен сум како што треба. Во средишниот ретровизор ја гледам „целта“ каде треба да пристигнам на крај, а во страничните ретровизори гледам дека зад мене е чисто. Го ставам моќниот М4 „во рикверц“, ја притискам педалата за гас, задните тркала пролизгуваат додека „да фатат“ на лизгавата површина и почнувам да се движам наназад. При брзина од околу 40-50 километри на час префрлам „во лер“ и управувачот во завртувам силно и брзо на едната страна. Автомобилот прави елегантна пируета на снегот кој се расфрла околу мене, го вртам управувачот кон средината, префрлам во Drive и за само неколку метри ја промашувам „капијата“ каде требаше да завршам.

Во ред, не сум таен агент, но не е лошо – за прв пат. Имаме уште неколку шанси да пробаме, и конечно – на четвртиот или петтиот обид, ми успеа! Тоа е тоа! Не само што сум дрифт-шампион на снег, туку се чувствувам и како таен агент. Каде е Џејмс Бонд, да му објаснам некои работи?

Незаборавен ден зад управувачот на BMW M4!

Полека но сигурно, мојот ден зад управувачот на BMW М4 и дрифт тренингот на снег завршуваат, но возбудата никако да стивне. Како што сонцето заоѓа зад околните врвови, одеднаш станува навистина ладно, но амбиентот на Алпите едноставно го одзема здивот. Како што завршуваме со обуките и ги паркираме нашите возила, нивните моќни турбо-мотори здивнуваат и ги испуштаат оние ситни крцкања кои ги познаваме – како своевиден последен поздрав.

Екстремно-ниските температури, февруарското, алпско сонце и моќните баварски супер-спортски автомобили се навистина незаборавна комбинација. Ова е едно од оние искуствата кои се паметат, засекогаш.

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.