Не седнувајте зад воланот под дејство на алкохол! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Не седнувајте зад воланот под дејство на алкохол!

Се ближат новогодишните празници и секоја година се повторуваат истите слики – сообраќајни незгоди каде директен виновник е возач кој под дејство на алкохол седнал зад управувачот на своето возило.

Според Републичкиот Совет за Безбедност на Сообраќајот на Патиштата, токму возењето во алкохолизирана состојба е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со загинати и со повредени лица. Токму затоа, во овој период на новогодишни прослави треба да бидеме повнимателни, и да запомниме дека возењето под дејство на алкохол е прекршок кој може да има многу сериозни последици.

Имајте во предвид дека:

  • Алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и ја намалува нивната способност за брзо и за ефикасно дејствување во случај на непредвидени ситуации и закани во сообраќајот.
  • Алкохолот делува на централниот нервен систем и ја намалува способноста за рационално расудување и способноста за препознавање на ризиците и на заканите во сообраќајот.
  • Лицата во алкохолизирана состојба, особено младите лица, се склони кон преземање ризик и кон агресивно однесување во сообраќајот. Епилогот од таквото однесување во сообраќајот, често е сообраќајна незгода со фатални последици.
  • Според ЗБСП, возачот не смее да управува со возило во сообраќај на патот, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол се смета лице за кое ќе се утврди дека содржината на алкохол во крвта изнесува повеќе од 0.50 г/кг.
  • Возач-почетник не смее да управува со возило, односно да започне управување со возило, ако во организмот има алкохол повеќе од 0,09 г/кг. Ова значи дека толеранцијата за алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на 0 –„нула“. Возач-почетник со алкохол во крвта до 0.50 г/кг ќе се санкционира со 200 евра, односно ќе му се регистрираат 40 негативни бодови и забрана за управување со возило од 3 месеци.
  • Возењето под дејство на алкохол се казнува со 225 евра, односно 40 негативни бода доколку возачот има 0.51-1.00 г/кг алкохол во крвта и забрана за управување со моторно возило од 3 до 6 месеци.
  • Со глоба од 275 евра или 50 негативни бода, ќе се санкционира возач кој има алкохол во крвта од 1.01 до 1.50 г/кг, заедно со забрана за управување возило од 6 до 9 месеци.
  • Со глоба во износ од 325 евра, односно 55 негативни бода, се санкционира возачот со 1.51-2.00 г/кг алкохол во крвта, како и забрана за управување возило од 9 до 12 месеци.
  • Возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 2.01 г/кг или повеќе ќе биде казнет со глоба во износ од 375 евра, односно 60 негативни бода и забрана за управување возило од 12 месеци.
  • Возачот кој ќе одбие да биде алкотестиран за утврдување алкохол во организмот ќе биде казнет со глоба од 500 евра, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода и забрана за управување возило од 12 месеци.
  • Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот за кој ќе се утврди дека е под дејство на алкохол. Ако постои основано сомнение дека возачот ќе продолжи со вршење на прекршокот, полицискиот службеник може возачот да го задржи во полициска станица до отрезнување, најдолго до 12 часа.
  • Во патнички автомобил, на предното седиште не смее да се превезува лице кое очигледно е под дејство на алкохол. Глоба во износ од 35 евра, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода на возач кој не ја почитува оваа одредба од ЗБСП.
  • Лицето кое учествувало во сообраќајна незгода, не смее да зема алкохолни пијалоци, опојни дроги, психотропни супстанци и лекови за кои е означено дека не смее да се употребуваат пред и за време на возењето, додека не се изврши увид.

Затоа, ќе Ве советуваме – заборавете ги оние приказните дека „јас дури и повнимателно возам кога сум пијан“ – тоа едноставно не е вистина. Бидете внимателни, за време на празниците конзумирајте алкохол одговорно и едноставно – не седнувајте зад управувачот доколку сте испиле алкохолен пијалок – за доброто на сите!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.