Македонска премиера на новите Volkswagen Arteon и Polo! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска премиера на новите Volkswagen Arteon и Polo!

Вчеравечер во пригодна атмосфера во ресторанот Four во Скопје се одржа македонската премиера на несекојдневниот Volkswagen Arteon, како и целосно-новото и супер-модерно Polo!


Во присуство на голем број пријатели и гости нашите пријатели од Порше Македонија синоќа во ресторанот „Four“ дел од комплексот Парк Хотел и Спа ги претставија најновите Volkswagen Arteon и Polo.

Големиот Arteon во карактеристичната златно-жолта боја го носеше и R-Line пакетот кој му дава дополнителна доза на спортска динамичност. Новиот купе-седан изгледа навистина впечатливо и различно од сето она што Volkswagen досега го имал во својата понуда. Ова е еден од оние модели кои со сигурност ќе остават свој печат на пазарот, и со нетрпение очекуваме можност и ние да седнеме зад управувачот.

Arteon ќе се нуди во три изведби – Arteon, Arteon Elegance и Arteon R-Line, и со тоа нуди интересен избор за купувачите – оние кои сакаат порафиниран, поцивилизиран изглед ќе можат да го изберат привлечниот Elegance, додека оние кои сакаат подинамичен, поспортски лик секако ќе го изберат атлетскиот Arteon R-Line.

„Работејќи во време на постојан технолошки напредок, со задоволство го прифаќаме предизвикот на новите генерации, на нивните потреби и барања, одговараме испорачувајќи нови модели и поставувајќи нови стандарди во автомобилската индустрија. Двата автомобили се различни и неспоредливи, но сепак исти во својот врвен квалитет, современ дизајн и софистицирана технологија. Едниот ќе ги помести границите во автомобилскиот свет, а другиот ќе им посака добредојде на една нова генерација млади, динамични луѓе“ – изјави Златко Муцунски, генерален директор на Порше Македонија.

Цените за Arteon започнуваат од 38.343 евра за Arteon со 2-литарски TDI со 150 коњски сили, додека врвниот Arteon Elegance со 2-литарски турбо-бензинец со 280 коњски сили, DSG и погон на сите четири тркала чини 58.330 евра. Доколку сакате Arteon R-Line, комбинацијата со 2-литарскиот турбо-бензинец, DSG и погон на сите четири тркала ќе треба да издвоите 59.030 евра.

Доколку сакате врвен Arteon со 2-литарски BiTDI турбодизел со 240 коњски сили во Elegance или R-Line ниво на опрема ќе треба да издвоите 58.261 или 58.961 евро, соодветно. Секако, достапни се и други верзии од истите мотори – Arteon можете да го добиете и со 190-коњски турбо-бензинец, или пак 150 или 190-коњски турбодизел во комбинација со мануелен или DSG менувач, и во зависност од изведбата, со погон на предните или погон на сите четири тркала.

Поврзано:   Македонска премиера на целосно-електричниот Volkswagen ID.7!

Секако, не смееме да го заборавиме ниту новото Polo. Семејниот автомобил е поставен на MQB A0 платформата, што му овозможува да добие цела лепеза на системи за асистирање кои досега можеа да се најдат само кај автомобилите од високите класи. Помеѓу останатите системи, новото Polo е опремено и со ограничувач на максималната брзина на движење во град, со што би се одбегнало пребрзо возење. Polo го карактеризира препознатлив, но освежен дизајн, а просторната понуда би требало да е на самиот врв на класата – всушност, луѓето од Volkswagen кажуваат дека со новото Polo, тие го нудат најнапредниот мал автомобил на патиштата!

Новото Polo ќе се нуди во добро-познатите Trendline, Comfortline и Highline нивоа на опременост. Основното Polo 1.0 Trendline со 75 коњски сили ќе чини 13.902 евра, па цените одат сè до 20.165 евра за Polo 1.6 TDI со 95 коњски сили и DSG менувач во Highline ниво на опрема.

Апсолутен врв на понудата на Polo е спортскиот Polo GTI кој носи 2-литарски турбо-бензинец со 200 коњски сили и чини 23.142 евра.

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.