Повторно се одржа скопскиот Distinguished Gentlemen’s Ride – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Повторно се одржа скопскиот Distinguished Gentlemen’s Ride

Традиционалниот „Distinguished Gentleman’s Ride“ вчера повторно се одржа во Скопје, и со тоа се покажа дека префинетоста и хуманоста им „лежат“ на жителите на нашиот главен град.

Овој настан паралелно се одвиваше на целата планета и учествуваа повеќе од 70.000 мотоциклисти во 600 градови. Настанот се вози со цел да се подигне гласот и свеста за болестите кај мажите – првенствено за рак на простатата како и свеста за менталните заболувања.

За таа цел се донациите кои глобално се собираат од сите учесници, а оваа година достигнаа до 4.4 милиони долари. Донациите ќе бидат наменети токму за истражувања и кампањи за овие заболувања. Скопје кон оваа глобална бројка се вклучи со 120 учесници и собрани донации од 2004 долари, со што се докажа и оваа година како една од најуспешните организации на Балканот и пошироко.

Ентузијазмот кај сите учесници и спремноста за настанот со навистина префинета гардероба и моторцикли, покажа дека во Скопје има потреба од убави настани кои треба да се случуваат повеќе од еднаш во годината со што ќе се овозможи на сите кои ја сакаат убавината и елегантноста да уживаат во истите. Секако хуманата нота секогаш ги следи овие настани и се секогаш проследени со мисија како што е мисијата на „Distinguished Gentleman’s Ride“ и „Movember Fondation“.

Вчерашната парада во главниот град беше со вкупна должина од 23км и ги опфати речиси сите булевари и главни улици на Скопје, а насмевките на сите оние кои успеаа да ја видат парадата беа навистина во голем број. Парадата започна во центарот на Скопје пред хотелот Stone Bridge а финишираше во CASA Bar во Дебар Маало.

Настанот преминува во навистина убава традиција и со нетрпение се очекува следната година , но се надеваме дека иницијативата и желбата ќе бидат доволно силни за организација на втор пролетен настан од овој вид.

Иако моторциклите не се наш фах, ние од CARclub сепак со задоволство го поддржуваме овој настан и им посакуваме уште многу успех и учесници во иднина!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.