ТЕСТ: Peugeot 301 1.6 BlueHDI 100 Active – Достапност на француски начин – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 301 1.6 BlueHDI 100 Active – Достапност на француски начин

Сегментот на достапни мали седани е навистина конкурентен – и сè повеќе производители влегуваат во играта. Какви се талентите на францускиот кандидат?


Достапните автомобили се голем бизнис – новите и растечките пазари ги бараат, а оние производители кои нема да понудат ваков автомобил ризикуваат да не земат дел од профитабилниот колач. Токму затоа, францускиот производител Peugeot го нуди својот 301. Peugeot 301 e автомобил наменет токму за ваквите пазари – каде купувачите се ценовно-осетливи и сакаат да го извлечат максимумот за своите пари.

Со фејслифтот, Peugeot ги „затегна брчките“ на 301

Со неодамнешниот фејслифт, Peugeot ги „затегна брчките“ на компактниот 301 и го му даде лик сличен на останатите модели во гамата. Сега 301 изгледа посериозно, а линиите (особено на предниот дел) се позатегнати и почисти. Страничните линии не се изменети, но оние кои забележуваат детали, ќе препознаат редизајнирани задни светлосни групи со LED технологија и некои други поситни измени.

Сè на сè, измените не се драстични – но 301 сега наликува на поголемиот 508 и има поворзасен лик. Дизајнот е ненаметлив, дури дискретен – но тоа значи дека нема да се случи за само 2-3 години да изгледа застарено. Нарачајте го 301 во некоја убава боја и изберете алуминиумски фелни – и 301 дури може да изгледа привлечно!

Функционална и просторна кабина

Ниту во кабината нема премногу измени – ќе препознаете некои освежени пластики и редизајнирани детали  – но пристапот на дизајнерите на Peugeot бил едноставен – ако не е расипано, не го поправај. Има некои детали кои веднаш асоцираат на таканаречениот буџет-пристап кај 301 – како што се некои цврсти пластики, прекинувачите за електрично задвижување на прозорците поставени на централната конзола и управувачот кој се нагодува само по височина – но со оглед на класата во која 301 припаѓа, тоа и не е некоја забелешка.

Поврзано:   Peugeot Sport доби специјално еко-признание од FIA

Она што ќе ве израдува се комфорните седишта и просторната понуда. Долгото меѓуоскино растојание значи дека има доволно простор во кабината – како на предните, така и на задните седишта, а двајцата патници на задната клупа ќе имаат сосем доволно простор и ќе патуваат кофморно и кон подалечни дестинации. Седиштата се типично француски – меки и комфорни, и пријатни како низ град, така и на отворен пат.

Всушност, тоа е еден од најсилните адути на 301 – иако е замислен да биде ценовно-достапен автомобил, 301 нуди изненадувачки кофморно возење – пневматиците со висок профил и меката суспензија помалку или повеќе гарантираат дека во кабината нема да се пренесуваат несакани информации од подлогата. Секако, ние би посакале малку повеќе звучна изолација во вратите, но 301 не е ништо побучен од своите директни конкуренти.

Сликата за практичноста на Peugeot 301 ја комплетира дарежливата понуда на багажен простор – компактниот француски седан нуди дури 600 литри багажен простор – нешто што го нудат автомобили кои се 2-3 класи поголеми!

Лесно зад управувачот; економичен турбодизел

Низ град, маневрирањето со 301 е прилично лесно. Сепак, мора да напоменеме дека изгледот малку залажува, и дека Peugeot 301 е нијанса подолг од она што првично ќе очекувате – но паркинг-сензорите со кои беше опремен нашиот тестен автомобил дефинитивно ја олеснуваат работата. На отворен пат патувањето е комфорно, сè додека премногу не ги надминете законските ограничувања за дозволена брзина – на значително повисоки брзини во кабината веќе станува бучно.

Една од најсветлите точки на нашиот тестен автомобил беше 1.6-литарскиот BlueHDI турбодизел со 100 коњски сили. Покрај 100-те коњски сили, малиот турбодизел испорачува и одлични 254 Nm вртежен момент – а сето тоа е доволно компактниот седан да забрза до 100 километри на час за 11.9 секунди и да постигне максимални 183 километири на час. Еластичноста на моторот гарантира дека лесно ќе се снајдете во секакви ситуации, а „црешка“ на сè е ниската потрошувачка – на отворен пат таа не надминува 5 литри на 100 километри а низ град ние измеривме нешто под 6.5 литри потрошено дизел гориво на 100 километри.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките!

Сите потребни „играчки“ се тука

Нашиот тестен модел дојде во второто ниво на опрема – кое Peugeot го нарекува Active. Меѓу другото, тоа значи дека Peugeot 301 ги има сите системи за активна и пасивна безбедност кои се очекуваат од еден автомобил, но и темпомат, електрично задвижување на предните прозорци, клима уред, радио со команди на управувачот, USB влез со можност за MP3 репродукција и Bluetooth поврзување со мобилен телефон, електрично нагодување на ретровизорите, паркинг-сензори и уште некои ситници.

Како што напоменавме на почетокот – конкуренцијата во сегментот на достапни компактни седани можеби не е бројна, но е остра. Од овие автомобили се очекува да понудат навистина многу, но за ограничена цена. Во ред, овие автомобили не се некое врвно технолошко достигнување, но затоа користат докажани компоненти и нудат исклучителна просторност, практичност и вредност за вложените пари. Кога на сето тоа ќе се додаде фактот дека се купува нов автомобил кој доаѓа со неколкугодишна гаранција, одлуката станува значително полесна.

Токму во овој сегмент, Peugeot 301 е привлечен избор – привлечниот дизајн го издвојува од конкуренцијата, а типично-францускиот пристап кон нештата значи дека ова е еден од најкомфорните автомобили во класата. Секако, треба да бидете подготвени на некои компромиси – но ова е автомобил кој гордо и верно ќе си ја работи работата – и сето тоа по пристапна цена.

  • 1.6-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 100 коњски сили / 3750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 254 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 183 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.9 секунди
  • Должина: 4445 mm
  • Ширина: 1953 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1466 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2652 mm
  • Тежина: 1090 kg
  • Багажен простор: 640 литри
  • Потрошувачка: 6.3 (измерена, градска), 5.1 (измерена, на отворено)
  • Цена на основниот модел: Peugeot 301 1.2 PureTech Access – 10.990 Evra
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 301 1.6 BlueHDI 100 Active – 13.990 Евра
  • Повеќе информации: Peugeot.mk
Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.