Министерот за Животна Околина на Обединетото Кралств о- Michael Gove – изјави дека планот е до 2040-тата година да се забрани продажабата на бензински и дизел возила, а потоа во рок од 10 години целосно да се отстранат од патиштата.
Забраната ќе важи само за конвенционалните возила, а возилата со хибриден погон ќе продолжат да се продаваат. Обединетото Кралство станува дел од неколку европски земји кои се концентрираат на електрични и електрифицирани возила во иднина. Франција веќе најави план да ја забрани продажбата на класичните возила од 2040, слични планови најавија Норвешка, Холандија и Германија, а и неколку германски градови (меѓу кои Штутгард и Минхен) веќе најавија дека ќе забранат некои возила со дизел мотори.
Побарувачката за возила со дизел мотори е опадната за 10 проценти во Британија, додека побарувачката за бензински возила е порасната за 5 проценти. Продажбата на електрични и хибридни возила е порасната за 30 проценти во истиот период, но сепак помалку од 5% од новите возила кои се продадени во Британија се електрични или хибриди.
Дополнително, британската влада ќе обезбеди 200 милиони фунти за локалните власти да најдат начин да го ограничат пристапот на возилата со дизел мотори до најзагадените патишта. Gove изјави дека тој би избрал рестрикции базирани на патишта наместо целосно забранување на дизел-возилата во градовите.
Желбата на британската влада е сите возила (конкретно, автомобили и комбиња) да бидат со нулта емисија на штетни гасови до 2050 и потврдија дека по 2040 нема да се продаваат нови бензински и дизел возила.
Сепак, не можеме да коментираме и да шпекулираме што всушност значи сето ова. Дали производителите ќе вградуваат микро-хибридни системи само колку да го заобиколат ова барање, или пак ќе се случи нешто друго, останува да видиме.