Дали ви е потребна Меѓународна Возачка Дозвола? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дали ви е потребна Меѓународна Возачка Дозвола?

Секоја година при почеток на туристичката сезона се поставува истото прашање – дали навистина ни требаат Меѓународните Возачки Дозволи за да имаме право да управуваме со моторно возило во странство?

Решивме да го одговориме ова прашање, и да цитираме со кои држави Република Македонија има склучено договор за взаемно признавање на возачките дозволи. Формата на Меѓународната Возачка Дозвола (МВД) е усогласена на Меѓународната Конвенција за Сообраќај на Патиштата во Виена, во 1968-мата година.

Треба да знаете дека во согласност со правилата, за да имате право да управувате моторно возило во странство, да изнајмите рент-а-кар возило во странство или пак за во странство да возите возило со тамошни регистарски таблички потребна ви е Меѓународната Возачка Дозвола. Можеби нема да ви ја побараат, но сепак е потребен документ.

Министерството за Внатрешни Работи на Република Македонија има склучено договори за реципрочно признавање на возачките дозволи со Албанија, Италија, Шпанија (само Б категорија), Србија и Црна Гора. Дополнително, врз основа на Виенската Конвенција, националното законодавство и потпишаните договори дозволено е и шест-месечно користење на македонските возачки дозволи во неколку други земји – и тоа Бугарија, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Кралство Белгија како и во Австрија (но повторно, само Б-категорија).

Обновување 06.07.2021:

Реципрочно признавање и замена на возачки дозволи врз основа на потпишан билатерален договор:

1.    Република Албанија
2.    Босна и Херцеговина
3.    СР Германија
4.    Република Италија
5.    Република Косово
6.    Република Србија
7.    Црна Гора
8.    Кралство Шпанија

Дополнително, врз основа на Виенската Конвенција, националното законодавство и потпишаните договори дозволено е и шест-месечно користење на македонските возачки дозволи во неколку други земји – Чешка, Хрватска, Бугарија, Словенија, Романија, Унгарија, Белгија, Полска и Австрија.

За сите други држави потребна ни е Меѓународна Возачка Дозвола. Би ве советувале да ги игнорирате рекла-казала муабетите од пријатели и познаници кои „ги застанала полиција таму-и-таму, но Меѓународна Возачка Дозвола не им побарале.“ Тоа навистина може да се случи, но бидејќи според законите сепак ви е потребна возачката дозвола, дали сакате на полицаецот да му дадете уште една потенцијална причина да ве казни?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.