ТЕСТ: Fiat Tipo Hatchback 1.4 TJET Lounge – Вистинското Tipo! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat Tipo Hatchback 1.4 TJET Lounge – Вистинското Tipo!

Поминавме неколку дена со хечбек-изведбата на новиот Fiat Tipo – автомобилот кој го наследи името од својот легендарен претходник!


Сите добро се сеќаваме на легендарниот Fiat Tipo – автомобилот кој не само што постави нови стандарди во Fiat, туку наметна и нови стандарди за секојдневна практичност во својот сегмент. Но Tipo отиде и многу подалеку од тоа и неговата платформа беше основа за Lancia Dedra и Fiat Tempra, а понатаму и за Alfa Romeo 155, 145 и 146, па дури и прекрасниот Alfa Romeo Spider делеше дел од својата платформа со популарниот Tipo. Практичноста и привлечниот италијански дизајн вродија со плод – па Tipo се продаде во скоро 2 милиони примероци.

Зошто го зборуваме сето ова? За да ја потенцираме важноста на името и да го истакнеме наследството на Tipo, и малку барем да објасниме колку е важна улогата на новото Tipo во приказната на Fiat. Всушност – исто како што напишавме кога го возевме и седанот – името Tipo значи многу – и автомобилот мора да го заслужи!

Токму хечбек-изведбата на Tipo е наследник на оригиналот!

Да започнеме со дизајнот. Ако се прашуваме ние, токму хечбек-изведбата на новото Tipo е вистинскиот наследник на оригиналот. Привлечниот дизајн на седанот изгледа уште подобро тука – интересните форми го издвојуваат Tipo од директните конкуренти без притоа да изгледа предизајнирано. Нам навистина ни се допаѓа како изгледа Tipo – само би ги замениле фелните за број-два поголеми и би избрале похрабра боја.

Предниот дел е ист како кај седанот – интересно изведените хоризонтални светла се поставени околу широката маска на ладилникот, која пак ја краси централно-поставениот знак на Fiat. Флуидните и динамични линии продолжуваат околу автомобилот, а силната карактерна линија завршува во задните светла кои се во форма на бумеранг, и за кои ќе бидеме доволно храбри да кажеме дека ако подзамижите можеби маааааалку наликуваат на оние кај Maserati 3200 GT.

Поврзано:  Во Крагуевац стартуваше производството на новата Fiat Grande Panda

Сличен ентериер како кај седанот – многу простор, многу опрема

Ентериерот на Tipo е сличен како оној кај седанот – материјалите се помалку или повеќе истите, и иако пластиките не се најфините на светот барем се интересно текстурирани и ентериерот изгледа привлечно и модерно. Ни се допаднаа рамките околу инструментите пред возачот, кои пак се лесно разбирливи. Добар додаток е и централниот мултимедијален уред кој успешно ја разбива монотонијата од црни пластики во ентериерот, а ќе ги истакнеме и спортски-профилираните седишта кои не само што одлично изгледаат, туку и нудат доволно странична поддршка.

Патниците на задната клупа ќе се радуваат! Заради долгото меѓуоскино растојание од 2638 милиметри и самата форма на хечбекот ќе имаат повеќе од доволно простор – како за нозете, така и за главите. По потреба ќе се сместат и тројца патници на задната клупа, а багажниот простор кој има капацитет од 440 литри е меѓу најдарежливите во класата. Задната клупа се преклопува во однос 60:40, па лесно ќе пренесете и поголеми предмети.

1.4-литарски ТЈЕТ со 120 коњски сили

Нашиот тестен автомобил дојде со добро-познатиот 1.4-литарски ТЈЕТ турбо-бензинец кој нуди 120 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 215 Nm вртежен момент достапни од 2500 вртежи во минута. Моторот работи прилично рафинирано и тивко, и во комбинација со 6-брзинскиот мануелен менувач овозможува забрзување до 100 километри на час за 9.6 секунди и максимални 200 километри на час – сосем респектабилни перформанси.

Официјалните бројки ветуваат комбинирана потрошувачка од 6 литри на 100 километри. Ние воглавно се движевме во градски средини и измеривме градска потрошувачка од нешто ситно над 8 литри бензин на 100 километри.

Инаку – од Tipo можете да очекувате комфорно возење. Суспензијата е поориентирана кон комфор па автомобилот одлично се „разбира“ со нашите улици. Кога ќе го насочите кон свиоци, Tipo успешно се бори со навалувањето без притоа да биде некомфорен. Серво-управувањето е лесно (особено со вклучен CITY режим) па маневрирањето во скоро сите ситуации е без никакви потешкотии и лесно ќе го наместите Tipo во скоро секое паркинг-место.

Поврзано:  Во Крагуевац стартуваше производството на новата Fiat Grande Panda

Тестниот автомобил беше во Lounge ниво на опременост, а тоа пак значи навистина долга листа на опрема – алуминиумски тркала, систем за следење на притисок во пневматиците, автоматски клима уред, електрично регулирање на сите прозорци, темпомат, паркинг-сензори, аудио-уред со MP3 поддршка и надворешен AUX влез, управувач со команди, лумбално нагодување на возачкото седиште, и уште многу, многу други ситници кои едноставно не ги очекуваме во ценовната категорија на Tipo.

Секако, не е заборавено ниту на безбедноста, и купувачите ќе добијат ABS+EBD, систем за управување со стабилноста, воздушни перничиња за возачот и совозачот, странични воздушни перничиња и завеси..

Fiat оправдано го врати името „од пензија“!

Дали новиот Tipo хечбек го оправдува своето име? Секако! Како што рековме – Tipo хечбек е вистинскиот наследник на оригиналниот Tipo – не само по името, туку и по понудата на простор, практичноста и италијанскиот шарм кој сакале ние или не, е неизбежен детал од секој италијански автомобил. Новиот Tipo има многу силни атрибути и навистина е задоволство да се види дека Fiat оправдано го врати името од пензија.

  • 1.4-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
  • Моќност: 120 коњски сили / 5000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 215 Nm / 2500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 200 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.6 секунди
  • Должина: 4368 mm
  • Ширина: 1792 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1495 mm
  • Тежина: 1350 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2638 mm
  • Багажен простор: 440 литри
  • Потрошувачка: 6 литри на 100 километри (официјална, комбинирана), 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Fiat Tipo HB 1.4 TJET Lounge – 16.350 Евра
    Повеќе информации: Fiat.com.mk
Поврзано:  Први фотографии и детали за новата Fiat Grande Panda!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.