Популарниот SUV на BMW тукушто ја доби својата најнова генерација – а со неа и нов дизајн, грст нови технологии и нови мотори, но и М40i Performance верзија со дури 355 коњски сили!
Новата генерација ќе се обиде да го продолжи успехот на минатите две генерации – и новиот X3 кој денес ја имаше својата премиера настапува со нов, но познат дизајн и зголемени димензии и грст нови технологии и мотори.
За почеток – новиот X3 е до 55 килограми полесен и има 5.5 сантиметри подолго меѓуоскино растојание – а тоа ветува повеќе простор во кабината и зголемен капацитет на багажникот – и токму тоа и го добиваме. Возачот и патниците ќе имаат повеќе простор, но и багажник со капацитет од 550 до 1600 литри! Секако, новиот дизајн не можеме да го избегнеме – а пристапот тука е еволутивен. Новиот X3 ги следи насоките од минатата генерација, но целиот автомобил изгледа позатегнато, поново и помодерно.
Како што и очекуваме од BMW, новиот X3 има идеална дистрибуција на тежината во однос 50:50, како и рекалибриран xDrive систем кој е понаклонет кон погонот на задните тркала. xDrive погонот на сите четири тркала ќе може да се добие со 8-брзински автоматски менувач, а во понудата на мотори ќе се најдат неколку турбо-бензински и турбодизел мотори.
Понудата започнува со X3 sDrive20i, xDrive30i и M40i. Oсновниот четири-цилиндерски турбо-бензинец со ознака sDrive20i ќе има на располагање 184 коњски сили и 290 Nm, и ќе забрзува до 100 километри на час за 8.3 секунди. Над него е xDrive30i кој располага со 252 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, и ќе забрзува од 0 до 100 километри на час за само 6.3 секунди. Врв на бензинската понуда е новиот M40i кој има на располагање 360 коњски сили и 500 Nm, па забрзува „до стотка“ за само 4.8 секунди.
Поундата на турбодизели ја сочинуваат X3 xDrive20d и X3 xDrive30d. Помалиот турбодизел е со четири цилиндри и ќе располага со 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Ќе забрзува до 100 километри на час за рамно 8 секунди и според официјалните податоци ќе има комбинирана потрошувачка од само 5 литри дизел гориво на 100 километри. Помоќниот xDrive30d располага со 265 коњски сили и одлични 620 Nm, благодарение на кои ќе стартува „до стотка“ за 5.8 секунди и ќе троши само 6 литри во комбинирани услови.
Секако, новиот X3 ќе ги добие и сите технологии кои BMW ги има во своето портфолио – како што се мултимедијалните уреди со gesture control, автономните CoPilot технологии, како и целата лепеза на BMW ConnectedDrive технологии кои го олеснуваат возењето во секојдневни услови.
Производството се очекува да започне наскоро – BMW X3 се покажа како успешен и популарен модел за брендот, па очекуваме наскоро да имеме можност и ние да го пробаме.