ПРЕМИЕРА: BMW M550d xDrive – Мега-турбодизел со четири турбо-полначи и 400 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW M550d xDrive – Мега-турбодизел со четири турбо-полначи и 400 коњски сили!

Мега-дизелската изведба на минатата генерација на Серијата 5 се покажа како успешна, па BMW ја претстави најновата која има четири турбо-полначи, погон на сите четири тркала и дури 400 коњски сили!


Новиот M550d xDrive може да се добие како седан или караван, а стандардно ќе се нуди со погон на сите четири тркала (кој во стилот на BMW е наклонет кон пренесување повеќе моќност кон задната оска) и автоматски менувач.

Под поклопецот на моторот се крие линиски шест-цилиндерски мотор кој во минатата генерација носеше три турбо-полначи, но новиот мотор има дури четири! Да, добро прочитавте – четири турбо-полначи! Новиот квад-турбо дизелски мотор сега има на располагање 400 коњски сили при 4400 вртежи во минута и монументални 760 Nm вртежен момент достапни од 2000 вртежи во минута – а дури 450 Nm вртежен момент се достапни од само 1000 вртежи во минута.

За пренос кон сите четири тркала е задолжен M-конфигуриран автоматски менувач. Седанот забрзува до 100 километри на час за само 4.4 секунди, а караванот за 4.6 секунди. Обата автомобили имаат електронски ограничена брзина на 250 километри на час. Според официјалните податоци, големата „Петка“ опремена со овој мотор ќе троши само 5.9 литри гориво на 100 изминати километри, додека караванот ќе троши 6.2 литри на истата дистанца.

Големиот M550d xDrive добива спортска суспензија разивиена од М-дивизијата, активно управување, спортски бодикит со изменети браници, странични прагови и заден спојлер, а во уникатна боја се покриени некои од деталите во надворешноста. Кабината добива профилирани спортски седишта и површини покриени во алкантара, кожа и алуминиум. Секако, тука се и M-Sport управувачот со лопатки за менување брзини, и уште многу, многу ситни детали. Цените ќе бидат објавени наскоро.

Поврзано:   ТЕСТ: BMW 520d M Sport - Дизелот и понатаму е вистинскиот избор!

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.