Официјално: Новиот Opel Grandland X – Германски кросовер со Француски гени – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Новиот Opel Grandland X – Германски кросовер со Француски гени

Opel го претстави новиот Grandland X, кој е базиран на одличниот Peugeot 3008, но со дизајн карактеристичен за Германскиот бренд.

Позициониран да биде најголемиот кросовер на компанијата, Grandland X се одликува со спортски стајлинг со изразена карактерна линија, скулптуриран поклопец на моторот и заштитни пластични елементи во долниот дел. Предниот дел доаѓа со познато лице со Matrix LED-светла слични на оние на новата Insignia Gran Sport.

Моделот се протега во должина од 4,477mm, ширина од 1,844mm и висина од 1,636mm, со меѓуоскино растојание од 2,675mm. Ова значи дека моделот е 200m подолг од Mokka X и Crossland X. Багажниот простор е поголем за 104 литри од Crossland X и има капацитет од 514 литри со кренати седишта, а кога тие ќе се легнат се добива простор од 1,652 литри.

Granland X ќе биде опремен со најнова технологија и ќе може да се добие со прилагодлив темпомат, греење на волан, електрична врата на багажникот, безжично полнење за телефони, автоматско сопирање во итни ситуации, помош при паркирање итн. Како опција ќе бидат понудени и системот OnStar, ергономски предни седишта со AGR сертификат и целосно прилагодливи LED-светла.

За разлика од Mokka X, големиот кросовер за жал нема да може да се добие со систем за погон на сите тркала. Како замена е понуден Grip Control системот, кој ја подобрува тракцијата на предните тркала во различни услови на возење.

Opel не објави информации за гамата на мотори, но се очекува моделот да биде погонуван од комбинација на погонски единици од останатите модели на компанијата и некои позајмени од PSA групацијата.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.