ЗАПОЗНАВАЊЕ: Нашиот прв контакт со новиот француски SUV – Peugeot 3008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ЗАПОЗНАВАЊЕ: Нашиот прв контакт со новиот француски SUV – Peugeot 3008!

Вчера имавме одлична можност да го оствариме првиот контакт и да го запознаеме новиот SUV на Peugeot – францускиот производител е навистина горд на новиот 3008!

Новиот 3008 на Peugeot не само што воведува значително похрабар дизајн кај францускиот производител, тој воведува и многу новитети со кои тој навистина може да се гордее. Пристапот кој Peugeot го има со новиот 3008 наметнува отфрлање на некои од потрадиционалните перцепции кои ги имаме за SUV и носи нови, посвежи и пореални идеи за тоа како треба да функционира еден ваков автомобил.

Да започнеме со фактот дека 3008 не се нуди со погон на сите четири тркала – барем не уште неколку години, додека не се појави хибридната верзија која ќе користи електромотори за да ги задвижи задните тркала. Но сега за сега, 3008 одлучно останува со погон на предната оска, а како одговор на теренските предизвици го нуди новиот Grip Control систем со неколку режими на работа, но и Hill Descent систем за безбедно симнување по нерамен и стрмен терен.

За време на нашето запознавање, имавме можност да се запознаеме со можностите на 3008 како низ градскиот метеж, така и на автопат, но и надвор од асфалтираните патишта – и можевме и самите да се увериме во можностите и компетентноста на 3008 и неговиот Grip Control систем. Ниту кал, ниту снег не беа посебен предизвик – напротив, новиот 3008 одлично се соочи со сите предизвици.

Новиот Peugeot 3008 се нуди со неколку турбо-бензински и турбодизел мотори. Доколку сакате бензинец, ќе можете да изберете меѓу 1.2-литарскиот PureTech со 130 коњски сили (кој воедно неколку пати по ред ја зема наградата за мотор на годината во својата категорија) и 1.6-литарскиот THP со 165 коњски сили. Доколку сакате турбодизел на располагање ви стои 1.6-литарскиот BlueHDI со 100, односно 120 коњски сили и 2-литарскиот турбодизел со 150 односно 180 коњски сили. Имавме можност да пробаме 3008 опремен како со мануелен, така и автоматски менувач. Инженерите од Peugeot се особено горди на новиот автоматски менувач, за кој кажуваат дека воопшто не ја зголемува потрошувачката во однос на автомобил во кој самите ќе си ги менувате брзините.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

Веќе неколку пати сме пишувале за новиот 3008, и навистина беше одлично и во пракса да се увериме во квалитетите на францускиот SUV. Имавме можност и самите да го запознаеме новиот i-Cockpit ентериер на Peugeot (кој веќе однесе неколку награди) – и мораме да признаеме, навистина ни се допадна! Наскоро ќе имаме можност уште подобро да го запознаеме 3008, па ќе ви ги пренесеме нашите впечатоци – а во меѓувреме, погледнете како си поминавме!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.