full screen background image
Search

Opel Insignia Sports Tourer – Повеќе простор во атрактивно пакување!

Opel ја претстави караванската изведба од новата Insignia пред нејзиното јавно дебитирање на автомобилскиот саем во Женева наредниот месец.

Sports Tourer верзијата добива издолжен покрив и 10 сантиметри подолг под за да понуди поголем багажен простор, чива зафатнина е зголемена за повеќе од 100 литри, на конечни 1,640 литри. Ова значи дека новата Insignia Sports Tourer е поголема од нејзиниот претходник, но благодарение на лесната конструкција и поефикасното пакување, истата е 200 килограми полесна од моделот кој го заменува.

Дизајнерски Sports Tourer уште повеќе влече инспирација од концептот Monza. Иако предниот дел е идентичен со Gran Sport Sedan, во задниот највпечатлива е хромираната лајсна која изгледа како да е исцртана низ целиот автомобил се до задните светлосни групи со кои се спојува, исто како кај споменатиот концепт.

Овој модел ќе располага со истата технологија како седан изведбата. Тоа значи дека ќе биде опремен со интелигентниот систем за векторско распределување на вртежниот момент со погон на сите тркала и адаптивната суспензија. Целосните технички спефикации сеуште не се објавени, но според GM, во палетата ќе бидат вклучени четири-цилиндарски бензински и дизел агрегати, како и V6 модел со 308 кс и 370 Nm вртежен момент, кој ќе биде испорачан кон сите четири тркала преку девет-степена автоматска трансмисија.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.