Rexton е еден од најпопуларните модели на јужнокорејскиот производител, а само неколку дена пред неговата официјална премиера SSangYong ги објави првите фотографии и детали за целосно-новиот SUV!
Новиот Rexton добива нов, привлечен дизајн со храбар преден дел, голема маска на ладилникот и големи светлосни групи. Сега за сега, не знаеме како ќе изгледа задниот дел, но се забележуваат остри и чисти линии, па очекуваме истата приказна да продолжи и одзади.
Од објавените фотографии можеме да забележиме и модерен ентериер, кој би требало да е покриен со квалитетни и меки материјали, а веќе е најавено дека ќе добие и нов инфозабавен систем со Apple CarPlay и Android Auto функционалност.
Задолжени за придвижување на новиот Rexton ќе бидат 2-литарски турбо-бензинец и 2.2-литарски турбодизел (но сè уште не знаеме колку коњски сили ќе испорачуваат). Новиот автомобил е подолг, поширок и повисок од својот претходник – сега е долг 4850 милиметри, широк е 1920 милиметри и висок 1800 милиметри. Поставен е на меѓуоскино растојание од 2865 милиметри, а тоа ветува многу простор во кабината.
Европското лансирање се очекува на крајот на оваа година, и се најавуваат верзии со погон само на задните, или пак на сите четири тркала.