Škoda најавува електрична иднина со Vision E! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Škoda најавува електрична иднина со Vision E!

Со најавата за електричниот концепт кој ќе го промовира на саемот на автомобили во Шангај, Škoda ја објави својата стратегија за електрична мобилност.


Новиот Vision E е првата електрична „студија“ на брендот, и со него Škoda ги најавува своите можности во овој сегмент. Според гласините, концептот ќе биде најава за електрична верзија на Kodiaq, а димензиите (должина од 4645 милиметри, ширина од 1917 милиметри и висина од 1550 милиметри) скоро и да ги потврдуваат овие гласини. Всушност, во самата најава за Vision E, Škoda кажува дека концептот кој е ориентиран кон иднината комбинира висока седечка позиција типична за SUV со динамична силуета и опаѓачка кровна линија во стилот на купе.

Вкупната системска моќност е 225 kW, која му овозможува на концептот автономија од 500 километри и максимална брзина од 180 километри на час. Сето ова се должи на моќни литиум-јонски батерии и систем за рекуперација. Концептот има два електромотори кои со максимална ефикасност ги придвижуваат сите четири тркала. Дополнително, концептот ги исполнува барањата за автономност од трето ниво – може да функционира независно во метеж, да користи автопилот на отворен пат, да ја задржи својата сообраќајна лента на движење но да избегнува пречки и да претекнува, да бара слободно паркинг место и да се паркира, итн. За сето ова да биде возможно, концептот користи грст сензори и камери кои цело време го следат сообраќајот и ги овозможуваат овие функционалности.

Со Vision E, Škoda ја објави својата стратегија за електрификација. Според најавеното, во 2019 ќе пристигне plug-in хибридна верзија на популарниот Superb, а првиот целосно-електричен модел ќе биде лансиран една година подоцна, во 2020. Чешкиот производител најави дека до 2025-тата година ќе нудат вкупно пет електрични модели во различни сегменти.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.