full screen background image
Search

Fiat 500 Abart од Pogea Racing има – верувале или не – 405 коњски сили!

Скоро сме сигурни дека инженерите на Fiat никогаш не предвиделе дека малиот 500 Abarth ќе „крие“ повеќе од 400 коњски сили – но германските тјунери од Pogea Racing го постигнаа токму тоа!

Изненадувачки – инженерите од Pogea Racing го задржале малиот 1.4-литарски четири-цилиндерски мотор за малиот автомобил кој го нарекуваат Ares. Сепак, листата на модификации е огромна, и во моторот скоро и да нема ништо „фабричко.“ – па меѓу другото, Ares добива ковани клипови, поголем турбополнач, зајакнати вентили, поголем бризглаки и цел систем за подобрено ладење. Менувачот е зајакнат и спојката е заменета за поиздржлива, па менувачката кутија би требало да ја издржи зголемената моќност.

Колку зголемена моќност? Според Pogea Racing, малиот 500 Abarth сега има на располагање 405 коњски сили и 445 Nm вртежен момент. Целиот процес за развивање на оваа џебна ракета траел летири години, а резултатот е „стотка“ за 4.1 секунда и (предвидена) максимална брзина од 288 километри на час.

Како и „срцето“, и „телото“ добива значително доработување – и тоа во форма на карбонски крила, поклопец на моторот, браници, капаци на страничните ретровизори и заден спојлер. По сите модификации, автомобилот е цели 48 милиметри поширок од стандардната изведба, а бојата која е искористена потекнува од Lamborghinni Reventon. Секако, доработени се и сопирачките, како и суспензијата.

Во ентериерот, малиот Ares добива ексклузивно преработени седишта, Pioneer аудио систем, и уште многу, многу модификации и додатоци. Pogea ќе направи само пет примероци од Ares и тие ќе чинат по 58.500 евра. Доколку ги сакате само модификациите на моторот без доработената каросерија, бидете подготвени да одвоите 21.000 евра.

Поврзано:   Пристигна кросоверската изведба на Tipo - новиот Tipo Cross!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.