full screen background image
Search

Женева 2017: Volvo тукушто го откри новиот XC60 премиум SUV!

Шведскиот производител на премиум автомобили пред само неколку моменти ја откри новата генерација на својот популарен SUV – моделот XC60!

Новиот автомобил го заменува успешниот XC60 кој во изминатите девет години стана најпродаваниот премиум SUV со средна големина во Европа – продадени беа повеќе од 1 милион примероци глобално. Во моментов, XC60 сочинува дури 30% од глобалната продажба на брендот.

Новиот XC60 е еден од најбезбедните автомобили некогаш направени, и е полн со нови технологии. Steer Assist технологијата е додадена во City Safety системот, а новиот систем кој се нарекува Oncoming Lane Mitigation ќе им помогне на возачите да управуваат за да избегнат фронтален судар. Секако, тука се и другите добро-познати системи на Volvo кои ја намалуваат можноста за напуштање на коловозната лента пред воопшто да се случи нешто несакано.

Кај новиот XC60 ќе може да се добие и Pilot Assist системот за полу-автономно управување, кој ние веќе го испробавме кога го возевме новиот S90 минатата година.

Новиот XC60 ќе може да се добие со T8 хибридниот погон како врв на понудата. Овој систем испорачува 407 коњски сили и му овозможува на луксузниот теренец да забрза до 100 километри на час за само 5.3 секунди. Во понудата се и D4 и D5 (со PowerPulse) моторите кои испорачуваат 190, односно 235 коњски сили, а кај бензинците тука се T5 со 254 коњски сили и Т6 со 320 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Секако, сите мотори се со зафатнина од два литри, и имаат по четири цилиндри.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Volvo ќе стане целосно-електричен бренд, го претстави C40 Recharge!

Дизајнерски, новиот XC60 ја следи насоката на големиот XC90, но е далеку од само намалена верзија. Забележуваме поинтересно извајани светлосни групи напред и позади, но семејната сличност е очигледна. Пропорциите се идеални за еден SUV, и веќе на самиот старт новиот XC60 ветува многу. Се надеваме дека наскоро ќе пристигне и кај нас – производството ќе започне во средината на Април, во фабриката на Volvo во Torslanda, Шведска.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.