Корејскиот производител за Женева најавува нов концепт кој би требало да го потврди новиот дизајнерски јазик на брендот – а со тоа да го направи и попривлечен за европските купувачи.
Новиот концептен SUV на SsangYong ќе го носи името XAVL, а тоа би требало да значи eXciting Authentic Vehicle Long. Во ред, името можеби и не е најзвучното – но според скиците кои ги објавија – изгледа интересно и очигледно сака да привлече европски купувачи.
Според она што го кажуваат од Ssangyong, новиот концептен автомобил би требало да биде комбинација меѓу робустноста на SUV и практичноста и просторноста на MPV. Во кабината ќе има простор за седуммина, а најавуваат и модернизација на кабината – наместо физички копчиња, скоро сите функционалности се управуваат преку централен екран чувствителен на допир, поставен на средината на конзолата. Пред возачот е поставен целосно дигитален кластер со инструменти, а дел од кабината е и сино амбиентално осветлување.
Концептот ќе биде искористен за да се прикажат и најновите технологии кои ги нуди Ssangyong, меѓу кои се безбедносни системи и системи за асистенција во возењето. Концептот ќе биде прикажан со бензински мотор, а доколку се пушти во сериско производство најверојатно ќе се нуди и со модерен турбодизел.
Сега за сега од SsangYong не кажуваат дали концептот ќе резултира со сериски автомобил, но доколку биде пуштен во производство ќе биде поставен некаде меѓу следните генерации на Korando и Rexton.