Премиера: Mercedes-Maybach S650 Cabriolet – 630 коњски сили, 300 примероци, 300.000 евра! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Mercedes-Maybach S650 Cabriolet – 630 коњски сили, 300 примероци, 300.000 евра!

Го сакате најлуксузниот  и најексклузивниот голем кабриолет на светот? Бидете подготвени да одвоите најмалку 300.000 евра за Mercedes-Maybach S650 Cabriolet!

Mercedes-Maybach семејството тукушто стана поголемо – на големиот седан сега му се придружува и најверојатно најексклузивниот кабриолет на светот во форма на Mercedes-Maybach S650 Cabriolet.

Под дооооолгиот поклопец на луксузниот кабриолет се крие 6-литарски твин-турбо V12 бензинец кој испорачува 630 коњски сили од 4800 до 5400 вртежи во минута и земјопоместувачки 1000 Nm вртежен момент достапни од 2300 до 4300 вртежи во минута. Силата се пренесува кон задните тркала преку 7G-Tronic автоматски менувач со двојна спојка.

Благодарение на оваа конфигурација, забрзувањето до 100 километри на час во овој мега-луксузен кабриолет трае 4.1 секунда, а максималната брзина е ограничена на 250 километри на час. Според официјалните податоци троши 12 литри бензин на 100 километри – но кому му е грижа?

Mercedes-Maybach S650 Cabriolet ќе го препознаете по уникатниот бодикит, многуте Maybach значки, големите тркала и специјално-доработениот ентериер. Оваа изведба добива и специјални седишта кои би требало да се најкомфорните на светот, а ентериерот ги носи сите „играчки“ кои можат да се добијат кај големиот кабриолет. Измените на екстериерот завршуваат со четири завршетоци на издувниот систем.

Во ред – решивте дека сакате еден примерок. Побрзајте – Mercedes-Maybach S650 Cabriolet ќе се произведе во екстремно-лимитирана серија од само 300 примероци, а цените започнуваат од 300.000 евра!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.