Дали поминува трендот на намалување на моторите? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дали поминува трендот на намалување на моторите?

Изминативе неколку години повеќе од очигледен е трендот за „downsizing“ на автомобилските мотори – но некои од производителите веќе признаваат дека границите се постигнати, и дека помалите мотори загадуваат повеќе во реални услови.

Неколку производители ќе започнат да ги „зголемуваат“ своите мотори откако истражувања покажаа дека трендот на намалување на капацитетот на моторите резултира со мотори кои не можат да ги задоволат стандардите за емисија на штетни гасови во услови на реално возење.

Извештај од Ројтерс кажува дека неколку автомобилски производители, меѓу кои се Renault, General Motors и Volkswagen ќе го запрат трендот на намалување на бензинските и дизел моторите, и ќе започнат со зголемување на капацитетот на овие мотори. Досега, скоро сите производители ги „намалуваа“ своите мотори и користеа турбополнење за да понудат соодветна моќност, но истовремено да ги намалат емисиите на штетни гасови. Сепак, според истражувањата дојдено е до заклучок дека малите мотори „исфрлаат фини честички и јаглерод моноксид“, но и дека топлината која е резултат на модерните, намалени турбо-дизел мотори предизвикува емисија на NOx честички која е 15 пати повисока од легалните лимити.

Еден од моторите спомнат во извештајот е малиот 0.9-литарски турбо-бензинец на Renault кој во услови на реално возење вбризгува дополнително гориво со цел да спречи прегревање, а тоа води кон дополнително загадување. Дополнително, Volkswagen веќе започна постепено да го зголемува капацитетот на своите мотори и најави нови 1.5-литарски TSI турбо-бензинци кои ќе ги заменат досегашните 1.4-литарски, а се шпекулира дека 1.4-литарскиот три-цилиндерски турбодизел ќе биде заменет со четири-цилиндерски мотор со зафатнина од 1.6 литри. Од Renault пристигнуваат најави дека нивниот 1.6-литарски dCi ќе порасне за околу 10%, а новиот најмал мотор од следната генерација на GM кој ќе пристигне во 2019 ќе биде барем 25-30% поголем од досегашниот 1.2-литарски турбодизел.

Одговорниот за развој на погонски единици во Renault-Nissan Алијанаста – Alain Raposo – на саемот на автомобили во Париз призна дека „техниките кои се користат за намалување на капацитетот на моторите веќе не ни дозволуваат да ги задоволиме стандардите за емисија на штетни гасови. Постигнати се лимитите на намалувањето.“ Сето ова сугерира дека постепено ќе се исфрлат или заменат бензинските мотори со зафатнина помала од 1.2 литри и дизелите со зафатнина помала од 1.5 литри.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.