ПРЕМИЕРА: Новата BMW Серија 5 – Нова платформа, нови технологии, нови мотори! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новата BMW Серија 5 – Нова платформа, нови технологии, нови мотори!

Баварците ја претставија најновата генерација на Серијата 5 – која сега доаѓа со целосно нова платформа, грст нови технологии и нови, помоќни и почисти мотори!

При прв контакт можеби ќе ви изгледа како новата „Петка“ да не е премногу различна од старата – барем визуелно. Но погледнете малку подобро и ќе забележите дека новата Серија 5 на BMW изгледа помодерно, позатегнато и подинамично од моделот кој го заменува. Но сепак – Серијата 5 е значаен модел за баварскиот производител, па формулата останува истата – привлечен седан со динамични линии но конзервативни пропорции. Всушност, нам ни наликнува на намалена Серија 7, но со поагресивен и поспортски лик.

Најважни се новитетите кои се „под кожата“ – новата Серија 5 сега е поставена на истата CLAR (Cluster Architecture) платформа која се користи кај Серијата 7, но без елементите од карбон. Сепак, тоа значи намалување на тежината до 100 килограми – од кои 70 се само во платформата. Суспензијата останува со истата конфигурација, но инженерите на BMW ја доработиле геометријата и искористиле лесни делови од алуминиум за управувањето да биде уште подинамично, а може да се добие стандардната суспензија, поцврста спортска суспензија, верзија со електрично-контролирани амортизери и врвната верзија со електрични амортизери и активни рол-барови.

bmw-5-series-2017-rear

На самиот почеток ќе се нудат четири, турбо-полнети мотори. Боите на бензинците ќе ги бранат 530i кој носи 2-литарски мотор со четири цилиндри и има на располагање 252 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, како и  540i кој носи 3-литарски линиски 6-цилиндерски мотор кој испорачува 335 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Обата мотори се турбо-полнети и  ја користат најновата генерација на BMW TwinPower Turbo технологија. Опремена со основниот бензинец, новата Петка забрзува до 100 километри на час за само 6.2 секуди, додека на 540i ќе и бидат потребни само 4.8 секунди. Обете верзии се електронски ограничени на 250 километри на час.

Доколку сакате турбодизел, во понудата се новите 520d и 530d. Помалиот турбодизел е со зафатнина од 2 литри, има четири цилиндри и испорачува 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Забрзува до 100 километри на час за респектабилни 7.6 секунди и постигнува максимални 237 километри на час, а троши просечно само 4.1 литар гориво на 100 километри. Отидете скалило погоре кај новиот 530d и ќе добиете линиски мотор со шест цилиндри кој испорачува одлични 265 коњски сили и моќни 620 Nm вртежен момент. Овој мотор троши само 4.5 литри дизел гориво на 100 километри, а му овозможува на баварскиот седан да забрза до 100 километри на час за 5.7 секунди и да постигне електронски-ограничени 250 километри на час.

Поврзано:  Премиера: Ова е новиот BMW X3

bmw-5-series-2017-interior

Наскоро по лансирањето во понудата ќе бидат додадени уште три изведби – ефикасната 520d EfficientDynamics, плаг-ин хибридниот 530i ePerformance, како и спортскиот, 8-цилиндерски 550i. Економичниот EfficientDynamics ќе троши само 3.9 литри дизел гориво на 100 километри, а хибридниот ePerformance само 2 литри гориво на 100 километри – секако во комбинација на бензински четири-цилиндерски мотор и електромотор со вкупна системска моќност од 252 коњски сили.

Во Март следната година на пазарот ќе пристигне BMW M550i xDrive – и ќе биде врв на понудата до појавувањето на новиот М5. Големиот M550i xDrive ќе биде придвижуван од V8 мотор кој ќе испорачува 462 коњски сили и 650 Nm, и ќе „трча“ до 100 километри на час за само 4 секунди!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.