На неодамнешна прес-конференција, претседателот на Volkswagen го претстави „Together – Strategy 2025″ планот на групацијата со кој најави дека на пазарот ќе пуштат дури 30 нови електрични возила во следните 10 години!
Иницијативата која Volkswagen ја најави е најава на групацијата дека сериозно ќе се впушти во играта со електрични возила. Според Mathias Muller кој ја најави оваа инцијативја, идејата е „да се научи од направените грешки, да се поправат фалинките и да се постави корпоративна култура која е отворена, со вистински вредности и корени во интегритет.“
Together – Strategy 2025 најавува сериозни измени во главниот фокус на германскиот концерн – ќе биде посветено особено внимание на електричната мобилност, а дел од тоа е и правењето на сопствени батерии. Volkswagen планира да продава меѓу два и три милиони електрични автомобили во 2025, а огромен дел од тоа се и автономните, односно само-возечки возила. Volkswagen веќе работи на „компетитивен само-возечки систем“ кој не само што ќе го користи во своите возила, туку ќе го понуди и на други производители до крајот на декадата.
Челниците на Volkswagen предвидуваат дека инвестицијата во стратегијата ќе чини „двоцифрена бројка на милијарди евра“, а за да го постигне сето тоа ќе мораат и да ги намалат тековните трошоци, и да го зголемат профитот. Еден од процесите на кој ќе му се посвети внимание е процесот за Истражување и Развој, а дополнително ќе се намалат трошоците во административните и продажните делови.
Volkswagen веќе има неколку целосно-електрични возила во својата гама. Тука е малиот e-Up, како и електричниот e-Golf. Дополнително, во рамките на целата групација сè повеќе земаат замав и хибридите, а сигнал дека германскиот бренд е сериозен кога станува збор за хибридите кои се ориентирани кон перформанси се и GTE изведбите на Golf и Passat кои ветуваат забава зад управувачот, но и ниска потрошувачка.